Заменик-директорот на Казнено-поправната установа, Феми Јонузи, информира оти осудениците биле посетени од народниот правобранител, што беше и нивно барање кога вчера најавија дека ќе штрајкуваат со глад
Вкупно 213 осуденици од полуотвореното одделение во затворот „Идризово“ утринава го почнаа најавениот штрајк со глад, но тој попладнево е прекинат, потврди за МИА заменик-директорот на Казнено-поправната установа, Феми Јонузи. Информира оти осудениците биле посетени од народниот правобранител, што беше и нивно барање кога вчера најавија дека ќе штрајкуваат со глад.

Освен од омбудсманот, Јонузи додава дека осудениците биле посетени и од тимови од Управата за извршување санкции кои разговараат со затворениците, вработените и управата на затворот за да се надмине проблемот и да се утврди фактичката состојба.
Осуденици од „Идризово“ вчера писмено ја известиле управата на затворот оти ќе стапат во штрајк со глад доколку не остварат средба со Народниот правобранител и со Хелсиншкиот комитет. Како образложение за штрајкот, тие ги навеле осудениците кои викендов беа повредени при претрес во полуотвореното одделение.
МВР викендов соопшти дека при претрес на полуотвореното одделение во „Идризово“ се повредени 10 полицајци при судир со група затвореници кои давале отпор. При претресот се пронајдени се 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефон и дрога.