За една недела до Владата телефонски се обратиле вкупно 1 579 граѓани со прашања за економските мерки. Телефонскиот број 02/324-8040 за граѓаните е пуштен во употреба од минатиот понеделник, а најчестите прашања што се поставени се за финансиска поддршка за компаниите, невработеност, кредитирање и дозволите за движење во полициски час.
„Постои голем интерес за користење на владините економски мерки кај компаниите и граѓаните, притоа, најчесто поставувани прашања (96%), од вкупниот број прашања се следните: можноста за користење на финансиска поддршка за исплата на минимална плата за работниците; можности за граѓаните во случај на невработеност и отпуштање од работа; кредитирањето преку Развојна банка на Република Северна Македонија; постапка за издавање дозволи за движење на вработени за време на полициски час“,
информираат од Владата.
Кол-центарот, на кој одговараат стручни лица, работи од 8 до 17 часот од понеделник до петок, а во сабота од 9 до 14 часот.
„Со цел да се одговори на што поголем број повици контакт центарот од денеска работи со зголемен капацитет. Со цел навремена и детална информираност на компаниите и граѓаните за економските мерки на Владата на Република Северна Македонија, а во согласност со интересот за поединечните мерки, подготвен е и документ во кој се содржани одговори на најчесто поставуваните 25 прашања во изминатиот период“,
информираат од Владата.
Документот со најчесто поставувани прашања може да се види ТУКА.