Инспекторите се на терен и вршат надзори во однос на одлуката што ја донесе Владата за замрзнување на цената на лебот. Кога ќе завршат со контролите, кон крајот на денот, ќе има сублимација на информациите по што ќе се знае фактичката состојба, велат од ДПИ
Од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија остануваат на ставот дека ќе ја почитуваат одлуката што ја донесоа во понеделникот, а тоа е дека нема да произведуваат и да носат бел и полубел леб на полиците на маркетите

Над 150 инспектори од Државниот пазарен инспекторат од утринава се излезени на терен и прават контроли во маркетите и пекарниците. Инспекторите проверуваат дали се почитува одлуката на Владата за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб и дали тој се продава по цена од 33 денари. Инспекторите, исто така, ќе проверуваат и кои маркети не добиле леб поради најавените закани на производителите дека нема да вршат достава на бел и полубел леб ако Владата ја замрзне цената.
„Инспекторите се на терен и вршат надзори во однос на одлуката што ја донесе Владата за замрзнување на цената на лебот. Кога ќе завршат со контролите, кон крајот на денот, ќе има сублимација на информациите по што ќе се знае фактичката состојба“,
велат за „360 степени“ од Пазарниот инспекторат.
Оттаму велат дека зависно од тоа што ќе се утврди на терен ќе се донесе одлука како ќе се постапува понатаму и дали ќе има казни за оние што не ја почитуваат одлуката.
Од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија остануваат на ставот дека ќе ја почитуваат одлуката што ја донесоа во понеделникот, а тоа е дека нема да произведуваат и да носат бел и полубел леб на полиците на маркетите.
„Пекарите едноставно си ја почитуваат одлуката. Одлуката е донесена во понеделникот и промена на одлуката засега нема. Уште еднаш ќе повторам, тоа што нема леб на полиците во маркетите значи дека пекарите си ја почитуваат одлуката“,
истакна за МИА претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.
Во понеделникот компаниите членки на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија соопштија дека донеле едногласна одлука да прекинат со производството на леб од денот кога одлуката на Владата за замрзнување на цената ќе излезе во „Службен весник“.
Одлуката што ја донесе Владата за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб ќе важи до 31 мај годинава.
Замрзнувањето на цената министерот за економија Крешник Бектеши ја оправдува со анализите што ги имаат направено во соработка со Државен пазарен инспекторат и со одредени пекарници, членки на групацијата на пекарници во нашата држава.
Според математиката што ја објасни Бектеши, за брашно, квасец, сол и адитиви потребни се 9,5 денари, за енергија и работна рака 5,7 денари, за транспорт и пакување шест денари и вкупната производна цена е 21,2 денари. На оваа цена се додава заработката на пекарите која е шест денари. Кога ќе се достави во маркетите, на таа цена од 27,2 денари се додава пет отсто маржа и уште пет отсто ДДВ. Крајната цена во маркетите е 32 денари.