Италијанскиот весник „Ла Република“ во своето викенд-издание открива дека преку мобилната апликација „Ватсап“ на многумина граѓани им стигнала порака со понуда да заработат 200 евра ако на Твитер, Фејсбук или на Инстаграм објават видео со назнака „Dalla Russia con amore“ (Со љубов од Русија), слоганот под кој оваа држава ја води својата хуманитарната кампања.
Според весникот, акцијата ја водат Руси кои живеат во Италија. Тие им нудат пари на Италијанци кои треба да снимат кратко видео со кое ќе им се заблагодарат на Русија и на претседателот Владимир Путин за помошта што ја добиле во битката против коронавирусот.
„Ни требаат Италијанци кои ќе кажат нешто добро во врска со руската хуманитарна помош“,
се вели во една од пораките на „Ватсап“, која, наводно, била испратена од Руси кои живеат или студираат во Италија.
„Прерано е да се тврди дека станува збор за некаква стратегија, но не може да се пренебрегне сомнежот за тоа“, пишува весникот, во кој се нагласува дека текстуалните пораки со благодарност биле плаќани за помали суми, за што имаат и докази.

Причина за оваа ПР-операција, како што смета „Ла Република“, се истражувањата кои неодамна беа објавени во „Ла Стампа“ дека речиси 80 отсто од пратките добиени од Русија биле практично неупотребливи, а меѓу медицинскиот персонал и тимовите за деконтаминација кои пристигнале имало голем број агенти на руското разузнавање. Тогаш, официјална Москва овие обвинувања ги одби како неосновани посочувајќи дека се тоа „лажни вести од ерата на Студената војна“, па дури и рускиот генерал Игор Конашенков му упати предупредување и закана на новинарот на „Ла Стампа“, Џакопо Јакопини, со зборовите „кој некому гроб копа, сам во него паѓа“.
За наводите во написот на „Ла Република“ се огласи Амбасадата на Русија во Рим. Велат дека нема сознанија, но ако тоа е вистина, тогаш според нив станува збор за „провокација од измамници“.
Оттаму за „Ла Република“ укажале дека ним не им се потребни лажни пофалби, нагласувајќи дека амбасадата примила „стотици повици“ од Италијанци кои искрено ѝ се заблагодариле на Русија за помошта.
Инаку, пред две недели Би-би-си Русија обелодени дека Италијанците од видеата и фотографиите во кои салутираат на руската химна или го веат руското знаме, а руските државни медиуми постојано ги објавуваат, најчесто имале или семејни или финансиски врски со Русија.
Во нивното истражување наведуваат низа примери, меѓу кои и дека Италијанецот кој го менува знамето на ЕУ со руското е стопанственик кој има деловни партнери од Русија, а видеото со руската химна која се интонира од балкон го споделила мајка на новинарка на проруски портал која живее во Италија.