Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа по третпат се обрати до нацијата во традиционалниот годишен говор за состојбата во државата. Настанот беше засенет од партиски поделби и конфликт со Ненси Пелоси, демократка и спикерка на Претставничкиот дом.
Присуството на Трамп во големата сала на Конгресот на САД беше пречекано со половичен аплауз и мало воодушевување, во споредба со поранешните настапи. Воедно тој се ракуваше само со своите републикански поддржувачи.
Во сите делови од говорот, демократите постојано негодуваа, додека републиканците редовно стануваа и силно аплаудираа, а при крајот дури и го поздравија Трамп и скандираа: „Уште четири години“.

Острата партиска поделеност дојде до израз уште на самиот почеток на говорот, откако Трамп според протоколот, предаде копија од својот говор на спикерката Пелоси, која седи зад него со потпретседателот Мајк Пенс. Но претседателот ја одби од неа подадената рака, по што таа при крајот на говорот, во знак на протест, ја искина копијата од говорот.

Како една од причините за тоа што Трамп одби да се ракува со Пелоси се споменува измената што Пелоси ја воведе во однос на традиционалната најава кога претседателот влегува во салата и која треба да гласи: „Членови на Конгресот, посебна чест и привилегија ми е да ви го претставам претседателот на Соединетите Држави“. Наместо тоа, Пелоси ја скрати најавата и кажа: „Членови на Конгресот, претседателот на Соединетите Држави“.
„За оваа навистина голема ноќ, нејзиното однесување беше ниско“, изјавија од Белата куќа за конфликтот.
Пелоси, пак, рече дека нејзиниот гест со кинење на хартијата, копија од говорот на претседателот Доналд Трамп, бил „најпристојно нешто направено“ за тој говор.
Подоцна, кога го напушти Капитол хил, таа за „Политико“ изјави дека гестот бил „израз на недоверба“.
Длабоката партиска поделеност беше главната нишка што се проткајуваше низ целиот говор. Од антиимигрантската реторика, до антиабортусот и здравствената заштита, за чии делови Трамп зеде заслуги кои веќе постојат во закон воспоставен од претходникот Барак Обама, иако сака да го укине.
„Нема да дозволиме социјализмот да го уништи американското здравство“, порача тој.
Трамп говореше и за изборите, нарекувајќи го неговиот можен втор мандат како „големото американско враќање“.
И како што многумина очекуваа, главен акцент беше ставен на економијата, најсилниот адут од неговото тригодишното претседателствување – една од првите фрази на говорот беше „се отвораат нови работни места“.
„Цел свет гледа со восхит на успешната американска економија“, истакна Трамп.
Тој се осврна и на теми како национална безбедност и одбрана, и ги напомена успесите со сузбивање на криминалот дома и борба со тероризмот во светот.
Истакна дека успеал да ја направи „Америка повторно величествена и почитувана во светот“.
Говорот на Трамп траеше еден час и десет минути, десетина минути пократко од лани. Неговиот настап се случи во услови на закана од негово можно разрешување, бидејќи денеска Сенатот во рамките на судската постапка за импичмент, гласа дали тој треба да биде осуден или ослободен од обвиненијата, покренати од Претставничкиот дом контролиран од демократите.