Од Царинската управа посочуваат дека ова е 11 заплена на злато од почетокот на годинава, со што вкупната количина на одземен златен накит достигнала два килограми

Царинските службеници на граничниот премин „Богородица“ спречиле обид за шверц на златен накит во вредност од 1,1 милиони денари. Накитот бил откриен кај двајца косовски државјани кои се обиделе незаконски да го внесат во земјата.
Како што соопштија денеска од Царинската управа, при контрола биле пронајдени четири златни ланчиња со вкупна тежина од 190,6 грама. Осомничените го купиле накитот во Турција, а со цел да го скријат од царинските органи, го ставиле на себе и го прикриле со облеката. Случајот веднаш е предаден на Одделението за истраги, кое поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гевгелија.
Од Царинската управа посочуваат дека ова е 11 заплена на злато од почетокот на годинава, со што вкупната количина на одземен златен накит достигнала два килограми.
Пет од случаите биле откриени на меѓународниот аеродром „Скопје“, четири на „Богородица“ и по една заплена имало на „Табановце“ и на „Блаце“.
Во девет случаи, Одделението за истраги кривично гонело десет лица за делото криумчарење, казниво според Кривичниот законик.
„Нашата порака е јасна – без разлика на начинот на кој се криумчари, нашите служби ќе го разоткријат и ќе се погрижат криминалот да биде најстрого казнет. Ваквите случаи јасно ја покажуваат цврстата посветеност на Царинската управа за сузбивање на сите форми криминал, заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување фер конкурентност на пазарот“,
велат од Царинската управа.
