Повторената судска постапка пред првостепениот суд трае околу три години. Одбраната остана на теоријата дека станува збор за конструиран случај, додека обвинителката Фетаи побара доживотен затвор за тројца обвинети за тероризам, а максимални затворски казни за двајца кои се гонат за помагање
На 23 февруари, во Основниот кривичен суд во Скопје ќе се изрече пресудата за случајот „Монструм“.
Закажувањето на рочиштето за изрекување на пресудата следува откако денеска заврши зборови дадоа адвокатите на семејствата на жртвите, како и бранителите на обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро во 2012 година.
Околу 5 часа траеја завршните зборови на одбраната која побара ослободителни пресуди. Дека се невини се изјаснија и обвинетите Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири и Фејзи Азири. На другите двајца, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири им се суди во отсуство бидејќи тие во бегство во Косово и веќе со години не се екстрадираат.
Одбраната денеска остана на теоријата која ја застапуваше и досега односно дека станува збор за конструиран случај и оти лицата кои се гонат за овој настан се невини.
Ги оспоруваа вештачењата и сведочењата на сведоците на обвинителството, а голем дел од завршните зборови посветија и на тоа дека исказот на Хаки Азири пред истражен судија, во кој тој признава дека вечерта по убиството со автомобил кај обиколницата ги чекал двајца од извршителите кои му рекле дека „направиле го*нарија, убиле човек“, е даден под присила и со тортура.
„Според одбраната, теоријата на случај се сведува на тоа што органите на прогонот не успеаја да ги откријат и да ги уапсат вистинските сторители, избрзаа“,
рече адвокатот Насер Рауфи.
Пред него, во судница збор зедоа и адвокатите на оштетените – семејствата на убиените. Се приклучија на кривичниот прогон и ги поддржаа завршните зборови на обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
И адвокатката Дафина Ивановска го спомена исказот на Хаки Азири, но според тоа тој е точен бидејќи бил поткрепен со докази во постапката. Се осврна и на „бомбите“ и исто како и обвинителката Фетаи на минатото рочиште, кажа дека тие не откриле некои факти поразлични од оние во претходното судење, а донеле само многу рочишта и одзеле многу време до носење на пресуда.
Наспроти барањата за ослободителна пресуда од одбраната, обвинителката Фатиме Фетаи, на минатото рочиште побара најстроги можни казни. Таа остана на тоа дека немилиот настан од 2012 година е терористички чин и побара доживотни казни за тројца обвинети за тероризам: Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ. За двајца, Хаки и Фејзи Азири побара максимални казни за помагање односно 15 години затвор за едниот и од 9 до 10 години за другиот. За еден од обвинетите, Сами Љута, се откажа од прогон и побара ослободителна пресуда бидејќи, според неа, нема докази.
Завршните зборови на обвинителката предизвикаа и протести од семејствата на обвинетите кои побараа и нејзино разрешување.
Во првото судење, сите шестмина обвинети беа прогласени за виновни. Сите се гонеа за делото тероризам и добија доживотни затворски казни. Тогаш имаше уште еден обвинет, но за него се донесе ослободителна пресуда. Таквата пресудата од првостепениот суд беше потврдена и од Апелацискиот суд во Скопје, но Врховниот суд ја укина по јавна седница во 2017 година на која и тогашната в.д. републичка обвинителка Лилјана Спасовска се согласи жалбите на обвинете да бидат усвоени.
По укинувањето на пресудата и враќањето на случајот на почеток, случајот го презедоа обвинителите од поранешното СЈО бидејќи постоеја и т.н. „бомби“. Повторената судска постапка пред првостепениот суд трае околу три години.
Петкратното убиство за кое се однесува случајот „Монструм“ се случи на 12 април 2012 година во пресрет на Велигден. На самото место беа убиени четири момчиња од македонска националност на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.