Во Скопје пунктовите ќе бидат сместени во поликлиниките „Чаир“ и „Јане Сандански“
Вкупно 14 пункта за земање материјали и брисеви за тестирање за коронавирус почнуваат да функционираат од денеска во земјава.
Во Скопје пунктовите ќе бидат сместени во поликлиниките „Чаир“ и „Јане Сандански“, а дополнително ќе бидат објавени информациите за сите центри ширум државата.

„Ќе се тестираат граѓани по епидемиолошки индикации и со закажување по претходна најава кај матичниот лекар, кој треба да пополни алгоритам што ќе укаже на тоа дали граѓанинот треба да биде тестиран или не. По координативниот состанок со Здружението на матичните лекари, тие целосно се вклучија во поддршка на овој систем на идентификација на рано откривање, зголемување на пристапот на пациентите односно граѓаните прво до дијагностика, а после и до спроведување и извршување на тестовите“,
соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Тој повтори дека кол-центарот е веќе во функција од викендот и оти за време на работните денови ќе функционира и со зголемен капацитет на луѓе, со цел да се избегне чекањето.