На 13 април во Основниот кривичен суд во Скопје ќе биде соопштена пресудата за случајот „Трезор“ кој го отвори СЈО, а сега е во надлежност на редовните обвинителства. Предметот се однесува на начинот на набавка на британска опрема за следење на комуникациите во 2010 година, а првообвинет во случајот е ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков.
Покрај Мијалков, обвинети се и поранешниот шеф на неговиот кабинет и началник на оддел во УБК, Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тројца се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Јакимовски за помагање. На Грујевски му се суди во отсуство со оглед дека е во бегство во Грција.
Закажувањето на рочиштето за изрекување на првостепената пресуда следува откако денеска одбраната, а обвинителството на минатото рочиште, ги дадоа завршните зборови.
Според обвинителството, наместо директно од фирмата „Гама Интернешнл“ од Велика Британија, како најекономичен начин, опремата била набавена преку фирма посредник – „Финзи“. Како што потенцираа обвинителите Артан Ајро и Трајче Пеливанов, станува збор за фирма која првично била основана од офшор фирма во САД, а на која како краен сопственик се јавува бизнисменот Орце Камчев. Прв управител на скопската фирма бил регистриран братот на обвинетиот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, а потоа управител бил починатиот Коста Крпач. Оваа фирма, поради сомнителниот капитал и потекло е дел и од истрагата „Империја“ каде се осомничени и Мијалков и Камчев. Обвинителството побара затворски казни, но и конфискација на имот во висина од околу 48,5 милиони денари, колку што тврди дека била штетата на државниот буџет со ваквиот начин на набавка.
Одбраната, пак, смета дека обвинителството нема докази во овој случај и побара ослободителна пресуда. Адвокатите на Мијалков денеска тврдеа дека тој не бил во Лондон на средби во „Гама“ за да договара набавка, а опремата била купена преку „Финзи“ зошто британската компанија одлучила таа да биде ексклузивен дистрибутер за Македонија, нешто на кое, тврдат, ексдиректорот на УБК не можел да има никакво влијание. Одбраната го отфрли и тврдењето на обвинителството за користа што ја имала скопската фирма која сума, рекоа бранителите, обвинителството ја извадило паушално и не доставило вештачење од експерт од економската наука. Мијалков лично не даваше заврши зборови туку само рече дека останува на кажано од неговите адвокати.
Тони Јакимовски, кој се товари за помагање, пак, зборуваше и на почетокот се пожали дека во овој предмет добивал закани од обвинителите. Тој рече дека на почеток кога СЈО го отворило случајот, прво бил повикуван како сведок и според него, бидејќи не сакал да сведочи против обвинетите од сведок станал обвинет. Тврдењата во обвинението кои се однесуваат за него, пак, ги нарече инсинуации на обвинителите кои ме биле докажани.
„Кој е тој помошник-министер што ќе ме послуша мене кој сум 4 нивоа подолу и да спроведе набавка или ќе поверувате и вие на инсинуациите од обвинителството дека јас сум бил толку влијателен и сум наредил нешто за да им помогнам од обвинетите?“,
рече Јакимовски.
Завршни зборови денеска даваше и Стајковиќ со неговиот адвокат, како и бранителот на Грујевски.
Тројца од обвинетите во овој предмет, се гонат и во предметот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување во земјата и на уништување на опремата за прислушување во УБК со цел скривање на доказите. На 26 февруари, Основниот кривичен суд изрече пресуда во тој предмет, која сè уште не е правосилна, а со која Сашо Мијалков доби 12 години затвор, Горан Грујевски 15, а Тони Јакимовски 6.