Министерството за здравство информира дека од понеделник во скопските поликлиники „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Драчево“, граѓаните ќе можат да направат лабораториски анализи за проверување на вредностите на Д-димерите и ЦРП, кои се важни за следењето на здравствената состојба на пациентите со ковид-19.
Како што посочуваат од Министерството, во трите поликлиники од следната недела пациентите ќе доаѓаат во термини наменети само за лабораториската анализа за да не бидат во контакт со другите пациенти.
„Со овој начин им олеснуваме како на матичните лекари така и на пациентите да не мора да одат во ковид-центрите и болничките установи за да ги направат потребните анализи. Партиципацијата за ваквата здравствена услуга ќе се наплаќа по ценовникот за здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување“,
изјави директорот на Здравствен Дом Скопје, д-р Виктор Исјановски.