Лекот е во форма на таблети, се дава првите пет дена од дијагностицирањето на вирусот, а клиничките испитувања покажуваат дека со помош на лекот хоспитализацијата е намалена за 50 отсто
Министерството за здравство (МЗ) објави дека ќе го набави единствениот лек против ковид-19, „молнупиравир“, кој е во форма на таблети.
Здравствените власти веќе стапиле во контакт со производителот на лекот, компанијата МСД и наскоро, како што велат, ќе започнат преговорите за набавка.
„Лекот ’молонупиравир‘ е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто“,
велат од МЗ.
Сепак, нагласуваат здравствените власти, лекот не може да се споредува со вакцините бидејќи тие спречуваат тешка форма на болеста, компликации при хоспитализација или смртен исход. Целта е да се постигне колективен имунитет, а вакцините, додаваат од МЗ, даваат најголема ефикасност против ковид-19 кој брзо мутира.