Во регистарот „Мој термин“ е заведено дека бебето починало на 3 јануари
Шестмесечно доенче починало од ковид-19 во Клиничкиот центар.
Министерството за здравство соопшти дека Институтот за јавно здравје во денеска доставениот извештај пријавил починато дете на шест месечна возраст, кое во регистарот „Мој термин“ е заведено дека починало на 3 јануари.
Според податоците добиени од Клиниката за детска хирургија, станува збор за дете со вродена аномалија на черепот. Доенчето е примено на Клиниката за неврохирургија заради оперативна интервенција. По добивање на ковид позитивен тест, детето, како што се наведува, е ставено во изолација на респираторна машина и е ординирана соодветна терапија. Со цел постоперативно третирање, детето е хоспитализирано на Клиника за детска хирургија.
По континуиран период на лоша општа состојба (со настаната респираторна и хепатална инсуфициенција и тестови со наод во прилог на дисеминиранта интраваскуларна коагулопатија) во текот на престојот на Клиниката, на 3 јануарио доаѓа до дополнително влошување на општата состојба. Лекарите на Клиниката ги преземаа сите мерки за интензивно лекување и реанимација, но и покрај тоа за жал малиот пациент заврши летално, информираат од Министерството за здравство.