„Сега се уште постои ризик. Треба да се издржи, инаку џабе ќе биде сè што сме правеле досега, тоа е како во Втората Светска војна во мај 1945 година да загинете“, вели д-р Никола Пановски во изјава за ТВ Алсат
Пет специјални фрижидери со можност да одржуваат температура до – 80 степени целзиусови за чување на вакцините против ковид-19 се очекува месецов да пристигнат во земјава. Тие се донација од американска фондација, а од Министерството за здравство велат дека ќе има и дополнителни вакви магацински капацитети преку донации.
Останатата инфраструктура за вакцинацијата е подготвена, операторите веќе имаат т.н. студени соби и возила за ладен синџир на дистрибуција на вакцините. И здравствените работници ќе добијат посебен тренинг за манипулација со самата вакцина, односно за земањето, дозирањето и растворањето.
„Преку СЗО во нашата земја ќе стигнат уште 3 фрижидери на -30 и два фрижидери на -80 степени. Така дополнително ќе се зголеми капацитетот за чување вакцини. За вакцинација на граѓаните ќе се користат постоечките вакцинални пунктови, бидејќи таа инфраструктура е добро поставена и функционира“,
велат од Министерството за здравство .
- поврзана вест: Американска фондација сака да донира фрижидери за вакцините против ковид-19 во Македонија
Првите дози вакцини преку Ковакс-механизмот се очекува земјава да ги добие кон крајот на јануари или почетoкот на февруари. Потоа, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, преку директна спогодба со компанијата „Фајзер“ и донација од Делегацијата на ЕУ се очекуваат вакцини за вкупно 1,2 милиони граѓани. Тоа, според здравствените власти, е доволно за колективен имунитет.
Д-р Пановски: Издржете до пролет
Професорот на Медицинскиот факултет, Никола Пановски, за ТВ Алсат вели дека клучно е граѓаните „да издржат“ до пролетта, оти со вакцинацијата и повеќе време поминато на отворено, потешко ќе оди преносот на вирусот.
„Сега се уште постои ризик. Треба да се издржи, инаку џабе ќе биде сè што сме правеле досега, тоа е како во Втората Светска војна во мај 1945 година да загинете“,
вели тој.
Сепак, според Пановски, враќањето на живот без здравствени протоколи е далеку.
„Целосно разлабавување, спортски натпревари и концерти со публика без здравствени протоколи, доколку е успешна вакцинацијата и опфатот е добар, нема да биде пред март догодина“,
вели Пановски.
Со оглед на тоа што што бројките на новозаразени сигнализираат дека ситуацијата со ковид-19 се смирува, министерот за здравство најави дека е можно определено олабавување на мерките, првично за подолго работно време на угостителските објекти. За тоа последниот збор ќе го има Комисијата за заразни болести, но не пред 21 јануари.