Министерството за здравство потврди дека авансот за набавката на 200 000 кинески вакцини е повлечен, но и тврди дека договорот за набавката не е откажан.
Како што тврдат, тоа е направено заради усогласување на документацијата по барање на кинеските власти.
„Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината ‘Синофарм’, по барање на кинеското МНР беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на НР Кина. Разговорите се во заврша фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против ковид-19 од производителот ‘Синофарм’ во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја,
велат од Министерството за здравство.
Вчера информацијата дека е повлечен авансот ја објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако се вратиме наназад периодот ќе видиме дека и Венко Филипче и владата на Зоран Заев постојано лажат за набавката на вакцини. Најпрвин велеа дека ќе стигнат стотина илјади, па 50 илјади, па 200 илјади, па биле нарачани. Даваа датуми како 15 февруари, доаѓа 1 март, се уште нема вакцини. Имаме информација дека е вратен авансот кој Владата го платила до кинеската фирма, па затоа прашуваме јавно дали е вистина дека е вратен авансот и воедно кои се причините доколку е вистина дека е вратен? Ннашите информации говорат дека е вратен и не само што ќе доцнат туку ние нема да добиеме вакцини од кинеската фирма во идниот период“,
изјави вчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.