Анализата на Институтот за јавно здравје покажува дека 22 проценти од лицата, кои во периодот од 6 август до 23 септември годинава биле позитивни на коронавирусот, биле целосно вакцинирани лица, со сите вакцини што се кај нас и со „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“
Од починатите како последица на ковид, 14 отсто биле вакцинирани, но со хронични болести
Дваесет и два проценти од лицата, кои во периодот од месец и половина, од 6 август до 23 септември годинава биле позитивни на коронавирусот, биле целосно вакцинирани лица, покажува анализата на Институтот за јавно здравје што ја објави Министерството за здравство.
И во бројки, од вкупно 32 818 граѓанин што биле позитивни, 7 248 лица биле вакцинирани.
Тоа значи дека најголем број од заразените биле невакцинирани граѓани. Односно, според статистиката, се работи за 25 570 лица, или 78% граѓани.
Тука некаде е и процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани, 80%, додека 20% од оние кои моментално се на болничко лекување од ковид се целосно вакцинирани.
Смртноста кај невакцинираните е исто така поголема кај невакцинираните. Во период од 6.8. до 23.9.2021 на територија на државата починале 1 033 лица со ковид-19, од кои 888 не биле вакцинирани, а 14% примиле вакцина.
Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања, а биле вакцинирани со сите типови вакцини што ги има на располагање кај нас, како и пациенти што се вакцинирале во странство со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон“.
За вакцинирани се сметаат лицата што се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза вакцина.