Во две оддели акции, скопската полиција заплени поголеми количини на дрога, во Арачиново околу 2 килограми хероин, а кај Трубарево речиси 2 000 таблети екстрази.
Во првиот случај, Бирото за јавна безбедност (БЈБ) со судска наредба извршило претрес во куќа во која престојувало 30-годишно лице и таму биле пронајдени 33 кеси во кои имало хероин, како и две дигитални ваги.
„Според првичната проценка запленети се околу 2,2 килограми хероин, но точната количина ќе биде позната по извршената анализа и мерење, по што ќе биде поднесена и соодветна пријава до јавното обвинителство“,
велат од МВР.
Другата заплена, пак, се случила утрово околу 10 часот во селото Трубарево кога полицајци забележале како две лица влегуваат автомобил „пасат“ и бегаат кон рампата Хиподром. Но, удриле во вагон од воз кој во тој момент се движел по пругата.
„Лицето кое било на совозачкото место се дало во бегство, а возачот додека излегувал од возилото фрлил една кеса и едно пакување со 112 таблети екстази, една кеса со 1 000 таблети екстази и една кеса со 750 таблети екстази, 80 грама амфетамин и пет грама сива кристална материја“,
соопштија од МВР.
Дополнително во возилото биле пронајдени и 800 грама марихуана и дигитална вага.
Во полициското соопштение нема информации за совозачот, додека за возачот се посочува дека е 43-годишен скопјанец.
И за овој случај од МВР најавуваат кривични до обвинителството.