Членот на актуелниот состав на Судскиот совет, Зоран Теофиловски, е осомничен во случај за незаконска легализација и приватизација на државно земјиште во Тетовско. Од Обвинителството за гонење организиран криминал кое ја издало наредбата за истрага го потврдија случајот, но повеќе детали најавуваат за подоцна.
„Она што во моментов можеме да кажеме е дека во тек е акција во координација со МВР за повеќе осомничени лица. Станува збор за случај од 2011 година. Повеќе детали ќе соопштиме во текот на денот“,
велат од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Неофицијалните информации сепак говорат дека Теофиловски сѐ уште не е обезбеден. Според порталот СДК.МК, предистражната постапка која претходела на истрагата се водела една година.

Теофиловски требало, но не се појавил и на денешната седница на Судскиот совет, која патем се одложи поради немање кворум за работа. Од Судскиот совет засега не ги коментираа настаните.
„До нас не е доставено никакво известување за истрага против членот на Судскиот совет Зоран Теофиловски. Откако ќе добиеме такво известување, Судскиот совет ќе се изјасни до јавноста“,
велат од Судскиот совет.
Зоран Теофиловски беше избран за член на Судскиот совет од редот на судиите, на изборите на крајот на 2018 година. Тој е зет на поранешната претседателка на судскиот совет Александра Зафировска, која во „бомбите“ можеше да се слушне како го информира кабинетот на премиерот за распишан оглас за избор на судии.