Потерницата по Ковачевски е објавена откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска попладне соопшти дека издало наредба за распишување на национална потерница по осомничениот, како и изјава за распишување на меѓународна потерница
Министерството за внатрешни работи (МВР) вечерва ја објави меѓународната потерница распишана по поранешниот директор на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој е еден од осомничените во случајот „Адитив“.

Потерницата по Ковачевски е објавена откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска попладне соопшти дека издало наредба за распишување на национална потерница по осомничениот, како и изјава за распишување на меѓународна потерница.
Потерницата е објавена на веб-страницата на МВР во делот „Потраги“ и во неа пишува:
„Васко Ковачевски, татко Миле мајка Дева род.06.07.1969 год. во Битола со место на живеење во с. Горно Оризари ул. ‘Костурска’ бр. 25 – Битола. Се бара по распишана меѓународна потерница од ОЈОГОКК Скопје со Наредба бр. KO бр. 108/24 од 30.12.2024 год. Лицето е под истрага за сторено кривично дело по чл. 353-в, ст. 2 вв ст. 1 од КЗ на РСМ“.
Покрај за потерницата, од ОЈО ГОКК денеска информираа и дека до Основниот кривичен суд Скопје доставиле предлог на ексдиректорот на ЕСМ да му биде одредена мерка притвор. Предлогот бил прифатен од судија на претходна постапка и на Ковачевски му е одреден осумдневен притвор, мерка која ќе се активира откако ќе биде пронајден.
Обвинителството претходно предложи на Ковачевски да му бидат одредени мерки за претпазливост, но судот донесе решение со кое го отфрли таквиот предлог, со објаснување дека осомничениот не е достапен за органите на прогонот.
За решението со кое се отфрла првичниот предлог на ОЈО ГОКК на Ковачевски да му бидат определени мерки за претпазливост од Кривичниот суд во Скопје информираа во петокот. Од ОЈО ГОКК велат дека го примиле денеска и веднаш постапиле по него.
Зошто на Ковачевски веднаш не му била одредена мерка притвор во петокот реагираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој рече дека е вчудовиден од Јавното обвинителство што не предложило ваква мерка согласно Законот за кривична постапка.
Истиот ден од ОЈО ГОКК преку соопштение одговорија на изјавата на Тошковски, посочувајќи дека до нив нема доставено документ оти осомничениот поранешен директор на „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски, е недостапен за органите на прогонот.
Оттаму во петокот наведоа дека надлежните јавни обвинители ќе постапат согласно законските надлежности во однос на мерките за обезбедување кога ќе добијат известување дека осомничениот е недостапен за органите на прогонот.
Во акцијата под кодното име „Адитив“, која беше реализирана на 10 декември, осомничени се вкупно 23 лица, од кои дел се поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.
На 11 декември годинава по предлог на ОЈО ГОКК, скопскиот кривичен суд им определи 30-дневен притвор на осуммина од вкупно 23 осомничени во случајот „Адитив“. Меѓу нив е и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов.
Стефанов дента кога беше објавена акцијата беше надвор од државата, но се врати, по што беше уапсен и во моментов издржува мерка притвор, со уште осуммина од осомничените. Ковачевски, пак, и натаму останува недостапен за органите на прогонот.