Истовремено на Ковачевски му е одреден осумдневен притвор, откако Кривичниот суд во Скопје во петокот соопшти дека судија на претходна постапка донел решение со кое го отфрлил претходниот предлог на Обвинителството на ексдиректорот на ЕСМ да му бидат одредени мерки за претпазливост
Ексдиректорот на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој е еден од осомничените во случајот „Адитив“, ќе се бара со меѓународна потерница.

Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) попладнево соопштија дека до Министерството за внатрешни работи (МВР) е доставена наредба за распишување на национална потерница против осомничениот, како и изјава за распишување на меѓународна потерница.
Истовремено од Обвинителството информираат дека до Основниот кривичен суд Скопје доставиле предлог на Ковачевски да му одредена мерка притвор. Предлогот бил прифатен од судија на претходна постапка и на осомничениот ексдиректор на ЕСМ му е одреден осумдневен притвор, мерка која ќе се активира откако ќе биде пронајден.
Инаку, ОЈО ГОКК претходно предложи на Ковачевски да му бидат одредени мерки за претпазливост, но судот донесе решение со кое го отфрли таквиот предлог, со објаснување дека осомничениот не е достапен за органите на прогонот.
За решението со кое се отфрла првичниот предлог на ОЈО ГОКК на Ковачевски да му бидат определени мерки за претпазливост од Кривичниот суд во Скопје информираа во петокот. Од ОЈО ГОКК велат дека го примиле денеска и веднаш постапиле по него.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска го прими Решението на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, со кое предлогот за определување мерки за претпазливост против осомничен во предметот ‘Адитив’ се отфрла, наведувајќи дека осомничениот не е достапен на органите на прогонот.
Согласно своите законски надлежности, јавните обвинители кои постапуваат во предметот до судијата на претходна постапка веднаш доставија Жалба по однос на донесеното Решение за отфрлање, како и Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот, која ќе биде активна по неговото пронаоѓање. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 8 дена“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК објавено попладнево.
Во него, од Обвинителството истовремено информираат и дека „применувајќи ги одредбите од Законот за кривична постапка, предметните јавни обвинители до МВР доставија наредба за распишување национална потерница и изјава за распишување меѓународна потерница по осомниченото лице“.

Зошто на Ковачевски веднаш не му била одредена мерка притвор во петокот реагираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој рече дека е вчудовиден од Јавното обвинителство што не предложило ваква мерка согласно Законот за кривична постапка.
Тошковски рече дека МВР и усно и писмено го известило Обвинителството оти ексдиректорот на ЕСМ е недостапен за органите на прогонот, но оти, за жал, јавниот обвинител што го водел предметот во ОЈО ГОКК одлучил дека не треба да бара мерка притвор.
Истио ден од ОЈО ГОКК преку соопштение одговорија на изјавата на Тошковски, посочувајќи дека до нив нема доставено документ оти осомничниот поранешен директор на „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски, е недостапен за органите на прогонот.
Оттаму во петокот наведоа дека надлежните јавни обвинители ќе постапат согласно законските надлежности во однос на мерките за обезбедување кога ќе добијат известување дека осомничениот е недостапен за органите на прогонот.
Во акцијата под кодното име „Адитив“, која беше реализирана на 10 декември, осомничени се вкупно 23 лица, од кои дел се поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.
На 11 декември годинава по предлог на ОЈО ГОКК, скопскиот кривичен суд им определи 30-дневен притвор на осуммина од вкупно 23 осомничени во случајот „Адитив“. Меѓу нив е и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов.
Стефанов дента кога беше објавена акцијата беше надвор од државата, но се врати, по што беше уапсен, и во моментов издржува мерка притвор, со уште осуммина од осомничените. Ковачевски, пак, и натаму останува недостапен за органите на прогонот.