„360 Степени“ побара став од лидерот Мицкоски, кој ниту го потврди ниту го демантираше инцидентот
И полицајци од СВР Скопје и припадници на Специјалната единица за брзо распоредување (ЕБР) во моментов се распоредени на Боемската улица во Скопје. И едните и другите го чуваат објектот во кој денеска беше затекнат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во време кога е забрането угостителските објекти да примаат гости внатре во објектите.
Мицкоски одамна не е таму. Тој заминал за време на неуспешните обиди на пазарните инспектори да извршат контрола во ресторанот, кои беа и попречувани во работата. Причината што сега има толку силно полициско присуство се снимките од камерите во ресторанот.
Така, на терен е началникот на СВР Скопје Ристо Ставревски, кој беше поставен како човек од доверба на Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ставревски изјави дека дошол на местото по дојава од гости и дописи во јавноста. Но, не знае зошто на терен дошле и специјалци од ЕБР.
„Од инспекторатот не побарале интервенција на полицијата. Имаше најава од гости и преку социјалните мрежи дека има проблем на Боемска улица. Јас добив информации дека физички била нападната пазарната инспекција додека ја вршеле својата работа. Тука имаше полициски службеници за доколку имало напад веднаш да постапуваме за загрозување на безбедноста, но од инспекторатот ни беше посочено дека немало таков настан. Преку медиумите видов дека присустни се претставници на ЕБР без мое знаење и добиле наредба од Директорот на Бирото за јавна безбедност“,
изјави Ставревски.
Тој вели на терен го затекнал и дополнителниот началник на СВР Скопје Тони Јакимовски, за кој се пожали дека немаат соработка за случајот. Полицијата сега, вели, чека судски налог за да влезе во објектот и да ги испита надзорните камери.
„Бев информиран дека во објектот има лица внатре во објектот. Добивме наредба од директорот да бидеме присутни и да ја следиме состојбата, чекаме наредба од судија на претходна постапка за да се влезе да се проверат наводите и информациите во јавноста. Се чека обезбедување на наредбата, после тоа ќе се влезе ќе се бараат безбедносни камери. Ќе влеземе да видиме и дали има некој внатре“,
изјави Ставревски.
За разлика од шефот на СВР Скопје Ставревски, шеф на Бирото за јавна безбедност е Сашо Тасевски. Тој дојде на позицијата како кадар од доверба на владејачката СДСМ. Неофицијално, реакциите на различни полициски сили и привидната некоординација е сомнежот дека е можно да бидат избришани снимките од надзорните камери во ресторанот. А токму тие снимки би биле непобитен доказ – дали лидерот на опозицијата ги крши мерките за спречување на ширењето на ковид-19 или не.
Упатени извори говорат дека снимките, во моментов, се безбедни. Се чека наредбата од јавен обвинител.
„360 Степени“ побара став и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но засега не ни испрати одговор.