Властите во С Македонија се пред нова одлука за прогласување кризна состојба, на територијата на целата држава, овој пат поради ситуацијата со пожарите
МВР постапува по пријава за жртва во пожарите во општина Старо Нагоричане.
По објавите во одредени медиуми за жртва во Старо Нагоричане, од МВР изјавиле дека постапуваат по пријава во Челопек, Старо Нагоричане.
Пожарникарите денеска два пати интервенирале во Челопек. Како што пренесува МИА, првиот пожар бил регистриран од 11 до 12.30 часот, а гореле бараки. Вториот пожар пак бил регистриран во 15.20 и траел сѐ до 19 часот во Челопек, каде што изгореле и куќа, објект, добиток и стрништа.
„Таму сè уште има дежурни екипи, пожарот е локализиран“,
изјави командирот на противпожарната единица, Далибор Трајковски. .
Во Дренак, на потегот кон Дренак -Жељувино сè уште е активен пожарот кој е на поголема височина, на непристапен терен, и го гасат пожарникари, припадници на МВР , шумското стопанство. Таму гори нискостеблеста шума.
„Пожарот во моментов е под контрола, но ќе останат екипи извесно време. Состојбата се менува од час во час“,
вели Трајковски.
Во Кумановско, екипи од територијалната противпожарна единица интервенираат на три жаришта, информираше командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.
„Пожар има над Довезенце, на еден повисок дел, таму е наша екипа, активно е и жариште на потег Горно Јачинце-Довезенце и на уште една локација – Мургаш кон Горно Јачинце, каде што се работи на догасување“,
изјави Илиевски.
Поради ситуацијата со пожарите, се очекува Владата да заседава и утре за да го усвои предлогот на Управувачкиот комитет за прогласување кризна состојба, во траење од 30 дена.
Кризна состојба се прогласува при ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси.
Според Законот за управување со кризи, кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.
Кон крајот на минатата година, беше прогласена кризна состојба поради состојбата со ковид-19, во екот на вториот бран. Исто така, веќе неколку години во земјава се продолжува кризната состојба на јужната и на северната граница, поради ситуацијата со мигрантите.
По релацијата Делчево – Пехчево, вечерва во прекин е и сообраќајот меѓу Штип и Кочани.
Магистралниот пат Штип-Кочани вечерва, од 21 часот, е во прекин во двата правци поради пожар во кој гори стрниште и ниви и се шири кон магистралниот пат. Како што соопшти Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), нормализиран е сообраќајот на регионалниот патен правец Делчево – Пехчево.