Случајот е документиран и е доставено известување до Основно јавно обвинителство, се наведува во информација објавена на интернет-страницата на Министерството
МВР го документирало случајот со текст што новинарот Бранко Тричковски го објавил на својот фејсбук-профил. Министерството за случајот го известило и јавното обвинителство, со цел, како што се вели во соопштението објавено на интернет-страницата на МВР, утврдување кривични дела „ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем“ и „предизвикување омраза на дискриминаторска основа“.
„При следење интернет-содржини, со цел утврдување и документирање содржини со говор на омраза, од страна на Секторот за компјутерски криминал утврден е профил со име Б.Т., кој на 06.02.2020 г. во 16.05 часот го објавил следниот текст: ‘Слушам дека Мизерахи пак јадела хумус од мртви Евреи’. Случајот е документиран и е доставено известување до Основно јавно обвинителство – Скопје, со цел нивно запознавање со предметот и воедно издавање барање до компанијата Facebook Inc да достави кориснички податоци за профилот“,
се наведува во информацијата на МВР, објавена синоќа.
Потоа е посочено дека по добивање на потребните податоци ќе бидат преземени соодветни мерки и активности, со цел утврдување на сторителот на кривичното дело по член 394-г – „ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем“ и член 319 – „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, предвидени во Кривичниот закон.

ВМРО-ДПМНЕ и денеска настапи со обвинувања до социјалдемократите дека го штителе новинарот Тричковски во однос на неговите објавени ставови во врска со техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи.
„Тричковски, ударното перо на СДСМ, само го пишува тоа што Зоран Заев го мисли и му го диктира. ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува антисемитските напади од СДСМ врз првата министерка во Македонија со еврејско потекло, Рашела Мизрахи. На јавноста и е јасно дека СДСМ и Заев стојат зад говорот на омраза на новинарите и медиумите кои тие ги финансираат. Не е прв пат Тричковски да шири говор на омраза, а Јавното обвинителство и Љубомир Јовевски да молчат и не преземаат ништо. За ова мора да има одговорност. По 12 април ќе се стави крај на штетните политики на СДСМ и ќе следи обнова на Македонија“,
се наведува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.