МВР патролно веќе ги обезбедува сите училишта 24 часа, но согласно новиот акт, веднаш по дојавата за бомба ќе треба да се преземат одредени мерки, од тоа нема да има отстапки затоа што никој не може да понесе одговорност за било што ако не е постапено согласно упатството, вели министерот Спасовски

Во овој период работевме интензивно и денеска донесовме посебно упатство, односно посебен акт, што е во согласност со приликите кои се сега, заради тоа што имаше упатство кое беше застарено во делот на тероризмот. Согласно тоа упатство ќе започнеме нови активности. Ова вечерва го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој рече дека веќе се донесени одредени насоки за утрешниот ден.
Министерот нагласи дека МВР патролно веќе ги обезбедува сите училишта 24 часа, но согласно новиот акт, веднаш по дојавата за бомба ќе треба да се преземат одредени мерки, и како што рече, од тоа нема да има отстапки затоа што никој не може да понесе одговорност за било што ако не е постапено согласно упатството.
„Ова не е активност со која може да се справи само МВР. Ова е активност со која треба да се справат сите институции и затоа се формираше работен тим во рамките на Владата, во кој влегуваат институциите – Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за електронски комуникации и секој има свои активности кои треба да бидат преземени во овој дел“,
изјави Спасовски при посетата на полициските службеници кои се дел од сообраќајната патрола на булеварот „Босна и Херцеговина“ во Скопје.
Според него интензивно работат со Министерството за образование и наука (МОН) и веќе се направени одредени усогласувања.
„Ќе почне и комуникацијата меѓу нашите Сектори за внатрешни работи и образовните институции, заради тоа што сите треба заеднички да постапуваме за да дојдеме до решение во кое учениците ќе бидат безбедни и безбедно ќе се одвива наставниот процес“,
рече Спасовски.
Спасовски посочи дека се бараат и решенија за решавања на целата состојба поврзана со дојавите за бомби, и напомена дека она што денеска е донесено како акт, ќе биде дел од решението на процесот.
„Во овој процес треба да учествуваат сите институции. Ние писмено се обративме до одредени институции со прашање кои мерки ги имаат преземено од она што е во делот на нивната надлежност. Очекуваме дека ќе дадат одговори. Доколку има институции кои не преземале одредени активности од своја надлежност, а биле должни да ги преземат, ќе го известиме и Јавното обвинителство. Оваа битка е битка на секој еден во институциите и сите заедно мора да работиме, заради тоа што ако станува збор за терористичка закана, тогаш сите треба да бидеме во борбата против тероризмот. За нас, безбедноста на учениците и на наставниот кадар е на прво место“,
потенцираше Спасовски.
Денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повика Министерството за внатрешни работи (МВР) деноноќно да ги обезбедува училиштата како мерка за справување со сè поинтензивираните дојави за бомби. Воедно, партијата упати повик и до Министерството за образование и наука (МОН) веднаш да изнајде начин да се надоместат изгубените часови поради дојавите.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, денеска во изјава за медиумите рече дека ќе бидат разгледани нови мерки и во делот на безбедноста и во делот на проблемите во училиштата поради дојавите за бомби.
Дојави за поставени бомби и денеска имаше уште рано наутро во 18 училишта во Скопје, а по направените проверки беше утврдено дека сите се лажни.
Вчера имаше рекордни 120 дојави за поставени експлозивни направи во скопски училишта. По направените проверки од страна на антитерористичките тимови, било утврдено дека сите пријави биле лажни.