Од ресорното министерство велат дека по обезбедување на целокупниот доказен материјал, СВР Битола ќе поднесе кривични пријави против сите одговорни лица во фирмата, како и против правното лице
Министерството за внатрешни работи соопшти дека при вчерашен претрес и контрола во фирма што одгледува канабис во битолското село Кравари откриени се низа злоупотреби.
Полицијата констатиралa дека во сеф-собата недостасуваат семки за канабис растенија и сув цвет од канабис, за што претходно фирмата известила дека ги поседува според документација испратена до Комисијата за оценување на условите за простор, кадар и опрема за добивање на одобренија за добивање на дозвола за одгледување канабис за медицински цели.
Во сеф-собата се пронајдени сув цвет од канабис, за којшто фирмата нема доставено известување дека го поседува по завршена берба, информира Министерството за внатрешни работи.
Од извршениот увид во документацијата која правното лице ја има доставувано до Комисијата, од МВР велат дека констатирале оти правното лице не води соодветна евиденција, делумно нецелосно ги пријавува настанатите промени при одгледувањето на канабис, не известува за денот на почнувањето на бербата на канабисот, не доставува известувања за набрана влажна маса и не го пакува собраниот сув цвет од канабис согласно закон.
„Констатирано е дека правното лице при одгледувањето канабис за медицински цели има извршено неправилности спротивно на Законот за контрола на опојни дроги, за што од извршената контрола од страна на Комисијата е составен записник за констатирана состојба, известен е јавен обвинител од ОЈО Битола и по обезбедување на целокупниот доказен материјал СВР Битола ќе поднесе кривични пријави против сите инволвирани лица (одговорни лица во правното лице), како и против правното лице“,
велат од МВР.