Постапката на Одделот за внатрешна контрола на МВР била иницирана од техничкиот министер Панче Тошковски кој неодамна во телевизиско интервју изјави дека побарал дополнителна истрага бидејќи откако бил поставен за министер дошол до одредени информации и сомнежи за тоа како се постапувало во случајот со двете убиства
Нема основи за покренување дисциплинска постапка против полициски службеници во врска со истрагата за убиствата на малата Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, утврдил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи.
Проверките што Внатрешната контрола на МВР ги извршила во Секторот за внатрешни работи Скопје и во Секторот за внатрешни работи Велес, како што соопштија денеска од Министерството, биле на барање на техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Извештајот од констатираните состојби, велат од МВР, е класифициран.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС) при МВР, на барање на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, a во врска со истрагата за двојното убиство на П. Ж. и В. Ѓ., изврши проверки во СВР Скопје и СВР Велес. Ја информираме јавноста, со оглед на тоа дека извештајот е класифициран, утврдено е дека не постојат основи за покренување на дисциплинска постапка, а воедно, до Бирото за јавна безбедност при МВР се упатени задолжителни мерки да се донесат нови процедури и упатства за постапување“,
се наведува во соопштението на МВР.
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за ТВ 24 емитувано на 13 февруари изјави дека откако бил поставен за министер дошол до одредени информации и сомнежи за тоа како се постапувало во случајот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Тошковски тогаш кажа дека побарал дополнителна истрага во врска со случајот.
„Побарав да се истражи во целост случајот и да ја затвориме таа тема еднаш, дали во рамките на полициските делувања на припадниците на Министерството било постапувано согласно процедури и стандарди или, пак, не. Ќе треба малку време да се истражат детално овие процеси. Таму има двајца луѓе, еден којшто сум го поставил јас и едниот којшто го поставил дополнителниот заменик“,
посочи Тошковски.
На прашањето, дали има сомневање во врска со брзината на постапката со која беа фатени виновниците или за тоа дали во притвор се вистинските виновници, министерот не сакаше да одговори конкретно.
„Не можам и не сакам да говорам во јавност работи коишто не се на одреден степен на основано сомнение. Можеби нема да биде така, јас не знам што ќе утврди внатрешната контрола. Но што и да утврди, веднаш штом јас ги добијам информациите, ќе ги добие и јавноста. Ако било сè во ред, да го затвориме тој сомнеж којшто го немам само јас, го имаат и други луѓе внатре во министерството“,
изјави тогаш Тошковски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и на 24 ноември лани, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
Според информациите од истрагата кои тогаш на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.
Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања.
Првоосомничен за убиството е Љупчо Палевски-Палчо, кој беше уапсен во Турција, од каде што се чека негова екстрадиција во земјава.
Покрај него, за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски осомничени се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување.
Во случајот е осомничен и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кого истрагата го сомничи дека им помогнал на другите да го грабнат девојчето и се товари за кривичното дело грабнување.
На сите четворица Основниот кривичен суд во Скопје им определи притвор, а идентична мерка за обезбедување на присуство му беше одредена и на Стефан Димовски, осомничен за помагање на сторителот во извршување на кривично дело, бидејќи го возел првоосомничениот Палевски од Србија до Турција.