Ваквиот предлог, како што рече премиерот, Владата им го презентирала на претставниците на студентските парламенти на сите универзитети. Средствата би се зголемиле од сегашните 3 500 на 4 500 денари, а студентите би можеле да ги користат преку посебна услуга во апликацијата „м.Услуги“ и исклучиво за нивната вистинска намена
Зголемување на износот на субвенционираниот студнтски оброк од 3 500 на 4 500 денари месечно, како и можност за дополнителни попусти за студентите при купување храна. Ова е предлогот на Владата што денеска од собраниска говорница го изнесе премиерот Христијан Мицкоски, а е во насока на барањата на студентите за зголемување на сумата за субвенционираниот студентски оброк.

Ваквиот предлог, како што рече Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање, Владата им го презентирала на претставниците на студентските парламенти на сите универзитети.
„Предложивме нов модел со кој средствата би се зголемиле од сегашните околу 3 500 на 4 500 денари месечно, а студентите би можеле да ги користат преку посебна услуга во апликацијата „м.Услуги“. Во системот би биле вклучени ресторани, маркети, млечни ресторани и други оператори кај кои студентите би можеле да купуваат храна“,
изјави Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеничката Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додава дека Владата преговара со трговците да се овозможи студентите да добиваат и одреден попуст кој ќе важи до крајот на тековниот месец, дури и по искористувањето на средствата за студентскиот оброк.
„Ако некој ресторан обезбеди 20 или 25 проценти попуст, вие сте го искористиле вашиот студентски оброк до 15. во месецот, но на 20. со вашите колеги седнувате повторно на појадок, вие ќе го платите, но наместо 100 денари ќе добиете попуст од 25 проценти, па ќе го платите 75 денари“,
вели Мицкоски, додавајќи дека целта на системот е средствата да се користат за нивната вистинска намена наместо за други производи, како на пример за алкохол или цигари.
Предлогот бил доставен на разгледување до студентските претставници. За реализација на предложеното решение, додава тој, ќе биде потребна соодветна процедура, вклучително и подготовка на софтверско решение и спроведување тендер.
