Според шефот на словачката дипломатија, на земјите од Западен Балкан треба да им се даде јасен сигнал дека членството во ЕУ е реално бидејќи во спротивно, како што рече, фрустрацијата кај земјите кандидатки ќе расте, поради што е можно да се изгуби регионот
Словачка силно го поддржува европскиот пат на Македонија – изјави денеска словачкиот министер за надворешни и европски работи Јурај Бланар, кој е во посета на Скопје. На заедничката прес-конференција со својот македонски колега Тимчо Муцунски, тој нагласи дека Словачка е против какви било двојни стандарди за земјите во пристапниот процес. Неприфатливо е, вели тој, за различни земји да има различни критериуми.

„Не можеме да прифатиме дека во европската интеграција која е поставена на европски стандарди има различни критериуми за различни држави. Северна Македонија може да смета на големата поддршка на Словачка во евроинтеграцијата. Ова е наша улога којашто ја потврдивме уште на Самитот во Солун во 2004 година, но денес може да кажеме дека не се исполнува тоа што беше договорено на тој самит“,
изјави шефот на словачката дипломатија на заедничката прес-конференција со Муцунски.
Според него, на земјите од Западен Балкан треба да им се даде јасен сигнал дека членството во ЕУ е реално бидејќи во спротивно, како што рече, фрустрацијата ќе расте, поради што е можно да се изгуби овој регион.
Бланар ја посочи земјава како успешен пример во имплементацијата на Планот за раст, а македонската влада ја пофали за посветеноста во спроведување на реформите, како и за мотивацијата да го доведе докрај евроинтегративниот процес.
Министерот Тимчо Муцунски се надоврза и кажа дека земјава очекува процесот на евроинтеграција да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, а напредокот да се оценува според утврдените стандарди. Тој во оваа смила го информирал словачкиот министер за посветеноста на земјава на одржување дијалог со соседна Бугарија, но дека истовремено очекува посилна динамика на европската интеграција во целиот регион.
