Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска му дале отказ на Зоран Ѓорѓиевски – Чикаш, советникот на бившиот технички министер Наќе Чулев, кој на денот на изборите (15 јули) го нападна командирот на Единицата за безбедност на сообраќајот во Тетово.
Отказот е врачен, велат од МВР, поради насилно и недолично однесување односно спротивно на прописите на Министерството за професионално и етичко однесување.

За случајот одлучувала Дисциплинска комисија која утврдила дека сега веќе бившиот советник на 15 јули околу 15:30 часот отишол на место каде се вршел увид на сообраќајна незгода, а каде се наоѓал нападнатиот командир и уште двајца полицајци.
„Државниот советник насилнички се однесувал кон командирот З.Т. и со таквото однесување го нарушил угледот на командирот и угледот на МВР, постапувајќи спротивно на Упатството за начинот на однесување и меѓусебните односи помеѓу полициските службеници“,
заклучила Дисциплинската комисија.
Во периодот на техничката влада, од стана на министерот Чулев, Ѓорѓиевски беше назначен на позицијата „државен советник за полициски и криминалистички работи во Кабинет на министер при Министерството за внатрешни работи“.
За овој случај, уште истиот ден во медиумите се појави и видеоснимка од нападот. Против Ѓорѓиевски, седум дена по инцидентот (23 јули), МВР поднесе и кривична пријава за насилство.
На 24 јули, пак, се огласи и тогашниот министер Чулев информирајќи дека му била изречена суспензија и оти ја прифатил предложената „најстрогата дисциплинска мерка“.
Меѓутоа, како што тогаш објави „360 степени“, „најстрогата дисциплинска мерка“, која всушност Чулев ја прифатил е 15 отсто помала плата во следните 6 месеци. За суспензијата, пак, тогаш упатени извори од МВР велеа дека таа траела само еден еден.