Според неофицијални информации на „360 степени“, „најстрогата дисциплинска мерка“, која всушност министерот Чулев ја прифатил за својот советник кој нападна полициски началник, е 15 отсто помала плата во следните 6 месеци
Пред околу еден час министерот за внатрешни работи во техничката влада, Наќе Чулев, ја информираше јавноста преку МИА дека ја прифатил „најстрогата дисциплинска мерка“ изречена за неговиот советник Зоран Ѓорѓевски-Чикаш. Причината за дисциплинската постапка беше што Ѓорѓевски, на денот на изборите, го нападна началникот на Единицата за безбедност на сообраќај во Тетово.
Во соопштението што го пренесе МИА се вели и дека советникот на Чулев бил суспендиран, а дека до Чулев стигнало решение за прифаќање на најстрога дисциплинска мерка што тој ја потпишал.
„Во текот на вчерашниот ден на лицето Зоран Ѓоргевски по предлог на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди му беше изречена суспензија од работното место, а во текот на денешниот ден по иницијатива на истиот оддел беше спроведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност при што од страна на дисциплинска комисија до Министерот за внатрешни работи беше доставен предлог за донесување на решение за изрекување најстрога дисциплинска мерка. Предлогот е прифатен од страна на Министерот Чулев и за гореспоменатото лице е потврдена предложената дисциплинска мерка“,
соопштија од МВР.
Еден „проблем“ во соопштението е што на ниту едно место не се споменува отказ од работното место бидејќи токму тоа е најстрогата дисциплинска мерка што може да ја изрече дисциплинска комисија.
Според неофицијални информации на „360 степени“, такво нешто нема бидејќи Ѓорѓевски добил казна, што е вообичаена за многу помали прекршувања. Казната што всушност ја добил Ѓорѓевски, а не се споменува во соопштението, е 15 отсто помала плата во следните 6 месеци.
Вториот „проблем“ во соопштението е што се споменува суспензија за Ѓорѓевски, но не и на колку време полицаецот советник на Чулев е суспендиран. Упатени извори во МВР велат дека суспензијата, всушност, траела еден ден, по што Ѓорѓевски си се вратил на работа. Така, единствената казна за напад на началник во јавноста е кратењето од плата.
„360 степени“ упати прашања до Чулев и за „најстрогата дисциплинска мерка“ и за „суспензијата“. До моментот на објавување на овој текст, не добивме одговор.