Согласно Преспанскиот договор со Грција, 12 февруари 2024 година е крајниот рок до кога сите лични документи и патни исправи на граѓаните од земјава треба да бидат заменети со новото уставно име на државата
Личните карти со старото уставно име на земјава, чиј рок не е истечен, ќе бидат важечки и по 12 февруари годинава, соопштија попладнево од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„МВР како ресорно министерство надлежно за издавање на лични документи укажува дека Законот за личната карта не е изменет. За таа цел, ги информираме граѓаните на Република Северна Македонија, дека личните карти со називот на државата ‘Република Македонија’ кои имаат важност, односно чиј рок не е истечен, продолжуваат да важат и по 12 февруари 2024 година“,
информираа од МВР.
Согласно Преспанскиот договор со Грција, 12 февруари 2024 година е крајниот рок до кога сите лични документи и патни исправи на граѓаните од земјава треба да бидат заменети со новото уставно име на државата.
Обврската за менување на личните документи изминатиот период предизвика огромен метеж на пунктовите на МВР за фотографирање и за издавање на готовите документи.
Во меѓувреме, претседателот на државата Стево Пендаровски го отвори прашањето за продолжување на рокот за издавање на новите лични документи. Рече дека со интервенција на два закона – за лична карта и за патни исправи – може да се пролонгира рокот за вадење нови лични документи и наместо до февруари да биде продолжен до септември или октомври.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека нема ништо против таквиот предлог доколку тоа прашање може да се реши на меѓународно ниво и го упати Пендаровски да оствари комуникација со претседателката на Грција.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера до Уставниот суд поднесе претставка за оценување на уставноста на законите поврзани со промената на личните документи. Дополнително, партијата бара Судот да донесе времена мерка на овие законски измени, односно тие да не бидат во сила сè до одлучувањето за нивната уставност.