Министерството за внатрешни работи побарало од службата на мобилната апликација Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“, во која се споделуваа експлицитни фотографии и видеа на девојчиња од земјава, меѓу кои има и малолетнички. Полицијата стапила во контакт со службите на апликацијата и побарала затворање на групата, која кратко по најавената полициска истрага беше преименувана во „Група само за возрасни“, а бројот на членови драстично се намали. Истовремено, Министерството побарало информации кои би биле од корист за истрагата.
Нови детали од МВР денеска не откриваат. Велат истрагата на Бирото за јавна безбедност е во тек, а известено е и Основното јавно обвинителство.
„Веднаш по добиената пријава, преземени се мерки и активности за расчистување на случајот. Секторот за компјутерски криминал и форензика веднаш оствари контакт со мрежата Телеграм, за добивање на потребните податоци околу функционирањето на оваа група и воедно ја известивме за содржините што се објавени“,
соопштија вчера од МВР.
Неофицијално, досега полицијата успеале да влезе во трагата на администраторот на групата, а ги обезбедила и телефонските броеви на над седум илјади члена. Пред отворањето на полициската истрага, групата имаше над 7.400 члена кои најчесто користат псевдоними. Еден од администраторите на групата, во која се влегува само преку пријател, е наречен Медо.