Во делот на реформите и интеграцијата на земјата во Европската Унија, Муцунски нагласил дека новата влада е цврсто фокусирана на процесот на европска интеграција, преку обезбедување на европските стандарди дома
Земјава е сведок на билатерализација на евроинтегративниот процес, а претходно и на членството во НАТО, како и повеќекратната апликација на двојни стандарди од страна на институциите на ЕУ, порачал министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на форумот во Дубровник, Хрватска. Како што соопшти МНР, тој во обраќањето додал дека сепак нашата нација е проевропска, а мнозинството од нашиот народ ја поддржува европската агенда бидејќи нема подобар пат од полноправното членство на земјава во ЕУ.

Во делот на реформите и интеграцијата на земјата во Европската Унија, Муцунски нагласил дека новата влада е цврсто фокусирана на процесот на европска интеграција, преку обезбедување на европските стандарди дома, односно борба со криминалот и корупцијата, владеење на правото и економски развој.
Запрашан за концептот за членство во Единствениот пазар пред целосна интеграција во ЕУ, Муцунски истакна дека независно како ЕУ го предвидува овој процес, вклучително и концептот за постепена интеграција, нема да има двоумење од наша страна доколку крајниот резултат е полноправно членство во ЕУ.

Вчера помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џим О’Брајан по средбата со Муцунски порача дека Соединетите Американски Држави со нетрпение очекуваат да соработуваат со новата влада на Северна Македонија и земјава да продолжи со напредок кон евроинтеграциите.