Муцунски изјави дека тоа што секој граѓанин го загрижува е фактот што Владата е позната по попустливост во надворешната политика и не знае да ги заштити македонските национални интереси
Имајќи предвид дека Владата e попустлива во делот на надворешната политика, граѓаните се загрижени кој ги води преговорите со Бугарија. Ова го изјави Тимчо Муцунски, потпретседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром при посетата во Битола, одговарајќи на новинарско прашања за преговарачката рамка за Северна Македонија при што истакна дека никако не смее да се дозволи бугарските барања да влезат во рамката.
„Во делот на надворешната политика би кажал дека Бугарија има такви ставови какви што има кои се неевропски и кои не содејствуваат со демократските вредности на 21 век и тоа никако не би смееле да дозволиме ние како држава, која има свое влијание во тоа како би изгледала преговарачката рамка доколку се дојде до неа, такви ставови и гледишта да има во неа“,
рече Муцунски.
Муцунски додаде дека тоа што секој граѓанин го загрижува е фактот што Владата е позната по попустливост во надворешната политика и не знае да ги заштити македонските национални интереси.
„Затоа верувам дека граѓаните, но и ние како политички субјект, сме навистина загрижени кој ги води преговорите во овој момент. Сите овие аргументи што ги даваме и во делот на економијата и во делот на социјалните политики и во делот на надворешната политика се само дополнителна теза во насока на потребата за брзи предвремени парламентарни избори. Тие можат да се организираат за помалку од два месеца како што е роковникот на ДИК. ВМРО—ДПМНЕ како политичка партија е подготвена да се откаже од т.н. Пржинска влада, дајте час поскоро да има парламентарни избори“,
изјави Муцунски.