ВМРО-ДПМНЕ го поздрави усвојувањето на предлог-преговарачката рамка и нејзиното испраќање до Европскиот совет, но тоа, нагласуваат, не значи и дека Македонија добила датум за почеток на преговори.
„Секој чекор напред кон Европската Унија е за поздравување и претставува успех на голем број генерации кои во последните дваесет години се бореле за полноправно членство во ЕУ. Затоа најпрвин би сакале да го поздравиме чинот на упатувањето на предлог-преговарачката рамка од ЕК до Европскиот совет. Истовремено би сакале да издвоиме дека наведениот чин не значи дека Македонија истовремено има добиено и датум за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија“,
вели Тимчо Муцунски, секретар за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за пратеник.
Тоа што СДСМ го претставува како вонреден успех, вели тој, сепак е само предлог кој ќе биде доставен до сите земји членки на ЕУ.
„Тие треба да се произнесат, да дадат забелешки и на крајот со консензус да го одобрат. Повторувам со консензус, што значи потврда од сите земји членки, вклучувајќи ги и нашите соседи. Лажна вест е фактот дека македонскиот јазик станал официјален јазик на Европската Унија. Тоа ќе се случи токму во моментот кога нашата земја ќе стане полноправна земја членка на ЕУ. Оттука овој предлог текст за преговарачката рамка не е воопшто причина за некоја голема прослава како тоа што го претставува СДСМ, туку само след на редовна процедура. Обидите да се создава еуфорија од секој минимален чекор веќе станаа фолклор“,
вели Муцунски.
Тој ја обвини владејачката партија дека создава лажна еуфорија, а од друга страна постојат огромни недостатоци во владеењето на правото, правната држава, криминалот, корупцијата и постои хибриден режим.
„Токму тоа е вистинскиот проблем за напредокот кон евроинтеграцискиот пат. Заклучокот е јасен. СДСМ е меѓу главните пречки на Македонија на патот кон Европа. ВМРО-ДПМНЕ нуди решение за таа пречка на претстојните избори. Со тоа ќе се исполнат и суштинските услови Македонија да ги отвори преговорите и да отпочне внатрешна европеизација на Македонија. Со победата на обновата ќе почне градењето на независна судска власт, неселективна борба против криминалот и економски напредок на државата“,
порача Муцунски.
*Поврзани вести:
Европската комисија ја усвои Предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија
Македонскиот станува официјален јазик на Европската Унија
Објавен документот со кој македонскиот се промовира во иден официјален јазик на ЕУ
Македонскиот јазик во документите на ЕУ: Исчезна во 2006, се враќа во 2020 година
Заев: Предлог-преговарачката рамка е уште едно признание за македонскиот јазик
Спасовски и Димитров: За три години ги одблокиравме стратегиските цели на земјата
Османи: Финалниот текст на преговарачката рамка го очекуваме до октомври
Жбогар не очекува изненадувања во финалната верзија на преговарачката рамка
