Според техничките премиер и шеф на дипломатијата, утврдувањето на предлог-преговарачката рамка е уште еден доказ дека Северна Македонија, со цврсти и сигурни чекори, продолжува по својот европски пат, кој носи и обврска за континуитет на реформите
Утврдувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија е доказ дека за три години, покрај реформите дома, направивме историски исчекори на меѓународен план. Станавме членка на НАТО, а од вчера го забрзуваме и процесот на интеграција во ЕУ, оцени премиерот Оливер Спасовски на денешната заедничка прес-конференција со шефот на дипломатијата Никола Димитров.
„За само три години ги откочивме процесите за двете стратегиски определби на нашата земја. Ретко кој во светот покажал такви државнички перформанси, особено за земја која до 2016 година беше нотирана како заробена држава. Подготвени сме да ги завршиме преговорите во најбрз можен рок“,
рече Спасовски.
Тој ѝ се заблагодари на Хрватска, затоа што за време на нејзиното претседателствување со ЕУ е донесена одлуката за почеток на преговорите со нашата земја. Исто така, изрази уверување дека време на претседателството на Германија ќе почнат преговорите со прва меѓувладина конференција. Во тој контекст, Спасовски посочи дека уште пред една година Владата ги донесе сите акти за формирање на преговарачките тимови.
„Сите треба да се радуваме на овој голем успех“,
рече Спасовски.
Европската комисија вчера објави дека е утврден предлогот за преговарачката рамка за Северна Македонија со ЕУ и дека е доставен на одобрување на земјите членки. Со ова, според Спасовски, се потврдува дека нема отстапувања од процесот што е утврден.
„Интеграцијата на нашата земја во ЕУ го добива заслуженото забрзување. Оваа радосна вест дојде по историската одлука на Европскиот совет за почеток на преговорите за членство на нашата земја, на 26 март годинава. Процесот ќе продолжи уште наредната недела со дебата за рамката на експертско ниво и со чинот на усвојување од државите членки, со што и преговорите формално може да почнат. Ова е уште еден доказ дека Северна Македонија, со цврсти и сигурни чекори, продолжува по својот европски пат. Тој пат носи и обврска за нас суштински да обезбедиме континуитет на реформите – владеењето на правото, економскиот развој , здрава животна средина, европско земјоделство…Почнува процес на европеизација на целото македонско општество“,
рече Спасовски.
Министерот Димитров посочи дека е од посебно значење тоа што убавата вест од Брисел стигна на првиот ден од германското претседателство со Унијата.
„Преговарачката рамка сега е во рацете на земјите членки на ЕУ. Добивме поконкретна, подинамична и поверодостојна преговарачка рамка, која им дава можност на земјите да учествуваат со свои експерти во преговорите. Не можеме да не се радуваме најискрено, затоа што, по 15 години чекање како земја кандидат, сме пред старт на преговорите со ЕУ“,
рече Димитров.
Тој посочи дека во меѓувреме Хрватска стана членка на ЕУ, Црна Гора го отвори последното поглавје од преговорите, а Србија е длабоко во процесот…
„Време е и ние да ги засукаме ракавите. За тоа е потребна политичка влада“,
рече Димитров посочувајќи дека првото поглавје од преговорите е за основните вредности – владеење на право, фундаментални права, економски реформи, функционирање демократски институции, администрација…
Претходно, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи изјави дека се очекува до октомври да биде прифатен финалниот текст на преговарачката рамка.
Евроамбасадорот во Скопје, Самуел Жбогар, оцени дека усвојувањето на предлог-преговарачката рамка е уште еден важен чекор на земјава кон зачленувањето во ЕУ.
„Убедени сме дека, со помош на институциите на ЕУ и под водството на германската канцеларка Ангела Меркел во текот на германското претседателство, оваа преговарачка рамка ќе биде усвоена и дека ќе ги започнеме и формално преговорите за членство“,
изјави на прес-конференција претходниот премиер Зоран Заев.