Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во контекст на уставните измени и почетокот на преговори за влез во ЕУ, вечерва повтори дека се значајни суштински две работи – првата е да имаме јасни гаранции што или ќе бидат проточени во нашиот правен систем — уставни измени со одложена примена или гаранции од европските институции

Не смееме да ја прифатиме тезата дека, од формално-правна гледна точка, протоколите или записниците од средбите на министрите за надворешни работи се наша формално-правна обврска, суштинскиот проблем е што Бугарија е убедена во тоа. Ова вечерва го кажа министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој вели дека доколку се прифати тезата дека протоколите се обврзувачки, тоа би значело дека треба да прифатиме обврска на пример, за наметнување рокови за работењето на Историската комисија итн…
Муцунски во гостување на ТВ Сител кажа дека многу е значајно што вели Европската Унија, но, доколку нема консензус меѓу земјите-членки, „ние суштински го имаме проблемот“.
Додава дека разговори со Брисел за деблокада на процесот има, но тие не се ниту тајни – ниту „под радарот“.
„Тајни разговори или разговори ‘под радарот’ нема. Има разговори, од моментот кога е формирана Владата кои тековно ги обавувам, со министри за надворешни работи на земјите членки, со европски претставници, разговори на претседателот на Владата, разговори на претседателката на државата и постојано во сите разговори, да, клучна тема е како да најдеме решение на овој билатерален спор кој ѝ пречи на нашата земја. Така што имало и ќе има разговори, суштинската разлика е дека за нас она што го бараме е јасно разграничување на суштински реформи од билатерални прашања и јасно укажување и на европските институции и на земјите-членки дека треба да се стави крај на барања поврзани со нашиот идентитет, историја, јазик и култура бидејќи од Бугарија сè уште ни се презентираат такви форми на барања коишто се поврзани со нашите евроинтеграциски процеси“,
кажа Муцунски и додава дека дури Бугарија не даде јасна поддршка на нашиот европски пат, преку европски вредности – ние имаме проблем кој стои нерешен.
На новинарско прашање дали проблемот може да се надмине со внатрешни гаранции, Муцунски вели:
„За нас се значајни суштински две работи – првата е да имаме јасни гаранции што или ќе бидат проточени во нашиот правен систем — уставни измени со одложена примена е еден таков модел кој го предложивме или ќе има гаранции од европските институции. И исто така, за нас е значаен концептот на меѓународно-правен реципроцитет во делот на човековите права. Односно, кога Бугарија очекува од нас ние бугарското малцинство да го внесеме во нашиот Устав, најмалку што може да направи е да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во делот на почитувањето на основните човекови права на Македонците коишто живеат на територија на Бугарија“,
рече Муцунски.
Тој вели дека целта на власта е да се најде решение, но не „решение кое ќе нè стави во истата позиција во којашто сме денес и за неколку недели или неколку месеци“.
„Затоа ние велиме: ова решение коешто сега го има на масата, коешто ни е претставено, коешто претходната Влада за жал како такво го прифати, е неодржливо и решение коешто ќе создаде дополнителна криза во нашите европски интеграции. И за нас нема никаква дилема дека вакво решение е неприфатливо во овој момент“,
вели министерот.
Тој вели дека патот кон ЕУ „не смее да нè обезличи“ и дека евентуалното решение треба да биде достоинствено и одржливо.
