Шефот на дипломатијата, одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека трошоците за транспорт и сместување на семејствата на пациентите ќе бидат покриени од Владата, конкретно преку Службата за општи и заеднички работи. Во врска со покривањето на трошоците за медицинските услуги и логистиката, министерот рече дека дел од тој трошок е покриен преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, а дел е покриен врз основа на билатерални договори што постојат или одлуки донесени од страна на самите влади на земји кои ги примаат овие пациенти
Повредените во пожарот во Кочани кои се наоѓаат на лекување во странство и членовите на нивните семејства кои ги придружуваат таму нема да имаат никаков трошок во делот на медицинските услуги, како и од логистичка гледна точка.

Ова денеска го кажа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски прашан за појаснување околу плаќањето и трошоците на пациентите, а во контекст на информациите што се појавија на социјалните мрежи дека семејства продаваат имоти и се собираат донации.
Шефот на дипломатијата рече дека ги видел тие информациите, по што и лично контактирал со неколку семејства за да види, како што рече, дали има некоја недоследност и некој проблем
„Се утврди дека тие биле и сместени и соодветно транспортирани. За некои ситни логистички работи се доусогласивме и затоа сметам дека во моментот имаме целосна координација со семејствата“,
рече Муцунски.
Во однос на трошоците за транспорт и сместување на семејствата на пациентите, министерот рече дека уште на почетокот кажале дека Владата преку Службата за општи и заеднички работи ќе ги покрие трошоците.
„Како држава уште од почетокот рековме дека Владата преку СОЗР ќе ги покрие трошоците за патување и на семејствата на пациентите, трошоците за сместување на семејствата на пациентите, има модалитет преку кој за еден мобилен уред ќе се обезбеди покривање на сите трошоци за роаминг кои што настануваат и се покриваат сите дополнителни логистички трошоци кои можат да настанат, вклучително се обезбедува и храна во рамките на хотелите каде што тие се сместени и сето тоа го операционализира Службата за општи и заеднички работи“,
рече Муцунски.
Во врска со покривањето на трошоците за медицинските услуги и логистиката, министерот рече дека дел од тој трошок е покриен преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, а дел е покриен врз основа на билатерални договори што постојат или одлуки донесени од страна на самите влади на земји кои ги примаат овие пациенти во делот на медицинските услуги.
„Семејствата на тие кои се лекуваат и тие што се лекуваат нема да имаат никаков трошок околу тој процес, и од медицинска гледна точка и од логистичка гледна точка“,
рече Муцунски.
Истовремено, Муцунски рече дека лично ја поддржува секоја иницијатива за донација од хумана гледна точка, како оние на Црвениот крст, така и на граѓански организации.
„Наше како Влада е да го поддржиме секој процес на хуманост, но истовремено јавноста да ја информираме дека во врска со медицинските и логистичките трошоци, државата стои зад овие пациенти и зад овие семејства“,
рече Муцунски.