Муцунски повтори дека средба Мицкоски – Мицотакис на маргините на самитот на НАТО во Вашингтон не е потврдена, но додава дека се случуваат кратки средби кои не може да бидат исклучени
Прашан зошто македонските амбасадори од Њујорк, Италија и Албанија се повикани на консултации во Министерството во Скопје и каде погрешиле, Муцунски рече дека причините се различни и оти за две од трите места имаат сериозни сомнежи за несоодветно работење надвор од законските и на одредени подзаконски акти кои се важечки во рамките на Министерството

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека во фокусот на посетата на САД се билатералните односи, со посебен акцент на економската соработка.
Муцунски вели дека за време на посетата на македонската делегација во Вашингтон е донесена одлука за нова голема инвестиција во земјата.
„Од страна на премиерот Мицкоски најавена е нова инвестиција, што претставува еден од првите големи економски успеси на новата влада. Нова инвестиција на компанија која веќе е присутна во Македонија, ‘Вабтек’, но ќе инвестира дополнителни 35 милиони евра, а ќе се отворат и нови 100 работни места во земјава“,
рече Муцунски во интервју за МТВ.
Во разговорот тој информираше и за многубројни средби со влијателни конгресмени на кои станало збор за зајакнување на стратешкото партнерство со САД, како и за улогата на земјава на меѓународната сцена.
„На средбите беше потврдена улогата на земјава како афирмиран член на НАТО-алијансата, што континуирано придонесува за зајакнување на целокупната трансатлантска безбедност. Исто така, беше истакнато дека новата македонска влада е поддржувач и ќе продолжи со политиката на 100 отсто усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е значајно за стабилноста на земјава и регионот“,
додаде Муцунски во изјавата.
Муцунски порача дека следуваат уште низа средби и активности кои имаат за цел апострофирање на нашиот придонес кон зајакнување на НАТО-алијансата, како и продлабочување на билатералните односи и соработката со САД.
Муцунски повтори дека средба Мицкоски – Мицотакис на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон не е потврдена, но додава дека се случуваат кратки средби кои не може да бидат исклучени.
„Грција е наш сосед со кој сакаме да имаме добри билатерални односи. Треба да биде земја што ќе биде наш партнер во делот на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ. Земја со која покрај добрите политички треба да имаме и добри трговски односи“,
рече тој.
Во интервјуто Муцунски одговараше и на прашања што се надвор од посетата на Самитот на НАТО, а кои се во неговиот делокруг на работа.
Во однос на проширувањето на Министерството за надворешни работи со ресорот надворешна трговија, Муцунски порача дека е потребен поинаков фокус во надворешната политика.
„Активностите за заштита и промоција на политичките интереси треба да биде продлабочена со еден концепт што е многу повеќе од економската дипломатија. Промовирање на извозот, но исто така и промовирање на државата како добра локација за нови директни инвестиции ќе биде голем предизвик, со кој можеме да се справиме за да ја направиме државата поубаво место за живеење”,
рече министерот.
Прашан зошто македонските амбасадори од Њујорк, Италија и Албанија се повикани на консултации во Министерството во Скопје и каде погрешиле, Муцунски рече дека причините се различни.
„Во следниот период ќе работиме на утврдување каде и дали имало грешки низ една транспарентна и законска процедура. Мислам дека не е коректно во моментот да навлегувам во деталите на сето тоа, но на две од трите места имаме сериозни сомнежи за несоодветно работење надвор од законските акти, но и на одредени подзаконски акти кои се важечки во рамките на Министерството за надворешни работи. Кога ќе имаме поконкретни податоци јавноста ќе биде информирана за тоа што е направено и како ќе постапиме во иднина“,
одговори тој.
На дополнително прашање дали се прави простор за нов амбасадор во Њујорк оти актуелниот Љубомир Фрчковски во ова гледа притисок да се повлече, Муцунски не даде конкретен одговор, но рече дека изјавата на амбасадорот отворила дополнителен предмет на анализа.
„Ја следев изјавата и во неа се направија дополнителни прекршувања на одредени закони и подзаконски акти, беа споделени и одредени документи што се за внатрешна употреба и за кои немал согласност да ги сподели. Веројатно и тоа ќе биде дополнителен предмет на анализа покрај анализата што ја правиме за доскорешното работење. Во овој момент би ви кажал дека согласно информациите што ги добив во овие две недели откако сум министер, сериозно сум загрижен како функционирала Мисијата при ОН, но јас сум еден од тие што велат има процедура, постапка и тој ќе може да си ги даде своите аргументи и да видиме како ќе заврши сето тоа затоа што ние мора да го штитиме имотот на државата“,
додаде Муцунски.
За тоа дали официјално Скопје испратило реакција до официјална Тирана за ситуацијата со пописот во Албанија каде што имаше повеќе Бугари од Македонци, министерот Муцунски рече дека за дел од работите веќе имал комуникација директно со министерот за надворешни работи Хасани.
„Имаше една грешка таму во делот на етничката заедница која беше наведена како северномакедонци и таа по наша интервенција е поправена и сега стојат Македонци. За други прашања имаме тековна комуникација. Веќе извршив консултации со амбасадорот Данчо Марковски и од него добив одредени информации што ме загрижија во однос на тоа што правела претходната македонска влада. Во следниот период планирам на затворена седница на Владата да ја информирам за тоа што се случувало во последните месеци и години, односно за неангаираноста на македонската дипломатија и други институции. Сега се уште се сензитивни тие информации за да може да споделиме детали“,
рече тој.