Министерот вели дека во моментов не е договорена таква средба, но додава оти не би бил изненаден ако има состанок на високо ниво, за време на, како што рече, неговата и посетата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Бугарија по повод регионален настан
Следната недела очекувам со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да бидеме во Софија на регионален настан каде што би се сретнале повторно со нашите колеги и би разговарале – изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарски прашања по настан во Скопје.

Муцунски вели дека во моментов не е договорена таква средба, но додава дека не би бил изненаден ако има состанок на високо ниво, за што рече дека јавноста ќе биде навреме информирана. Говорејќи за односите со Софија, шефот на македонската дипломатија е дециден дека е потребен дијалог и средби на највисоко ниво.
Во однос на амандманите во извештајот за земјава поднесени од бугарски европратеници, во кои се повикуваат владите на Бугарија и Македонија да ја одржат третата меѓувладина комисија со цел спроведување на Договорот за добрососедство и неговите протоколи, Муцунски вели:
„Несомнено треба да водиме дијалог со Бугарија. Но, тоа не е проблемот. Проблемот е што, меѓу другото, Бугарија го прекршува Договорот за добрососедство. Да го тргнеме настрана прашањето дали договорот е добар или лош. Бугарија во тој договор се има обврзано дека ќе го поттикнува и поддржува нашиот евроинтеграциски пат, а не го прави тоа. Но, доколку ме прашате дали треба да имаме повеќе средби на високо ниво, треба да има. Ние го немаме изборот и луксузот како европска држава, како земја членка на НАТО, да се да се оттргнеме од комуникација со нашите соседи, колку и да биде некогаш тешка таа комуникација“.
Министерот повтори дека земјава останува на позицијата оти во моментов нема услови за спроведување на уставните измени. Услови за таквиот чекор, како што рече, може да се создадат врз основа на меѓусебна доверба, која може да се изгради ако на земјава ѝ бидат дадени гаранции од сите земји членки на ЕУ.
Во однос на изјавите на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека единствените заклучоци што може да се донесат како гаранции за земјава се тие дека Македонија треба да го исполни тоа што е договорено, Муцунски вели дека не слушнал таква експлицитна изјава од него.
„Она што можам да го кажам е дека ние остануваме посветени на европските реформи, остануваме со јасна стратешка ориентација во надворешната политика, но исто така цврсто остануваме на позицијата дека во овој момент услови за уставни измени нема“,
изјави шефот на македонската дипломатија.
