Фокусот на средбата бил ставен врз соработката во неколку конкретни области. Според Муцунски, посебно внимание било посветено на одбраната и сојузништвото во рамките на НАТО алијансата, како и на развојот на економијата, енергетиката и регионалната поврзаност

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, за време на својата работна посета на Вашингтон остварил средба со заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Кристофер Ландау. Главна тема на разговорите било зајакнување на стратешкото партнерство и унапредувањето на билатералната соработка меѓу двете земји.
Информацијата за средбата ја сподели министерот Муцунски преку својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, оценувајќи го разговорот како отворен, пријателски и содржаен.
„Нашите две земји имаат блиски и усогласени позиции за широк спектар политички, економски и безбедносни прашања. Ја потврдивме заедничката определба за натамошно зајакнување на стратешкото партнерство и билатералната соработка, во интерес на граѓаните на двете земји“,
пишува Муцунски.
Фокусот на средбата бил ставен врз соработката во неколку конкретни области. Според Муцунски, посебно внимание било посветено на одбраната и сојузништвото во рамките на НАТО алијансата, како и на развојот на економијата, енергетиката и регионалната поврзаност.
Тема на разговорите во Вашингтон била и актуелната состојба во регионот. Муцунски и Ландау размениле мислења и за значењето на континуираниот ангажман на САД за мирот, безбедноста и просперитетот на Западниот Балкан.
Инаку, министерот Муцунски во Вашингтон е на покана на државниот секретар на САД, Марко Рубио, каде учествуваше и се обрати на министерскиот состанок посветен на заканите од подемот на политичкиот тероризам.
На маргините на министерскиот состанок, Муцунски информираше дека има средба со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саар. На средбата, како што рече Муцунски, била потврдена одличната билатерална соработка меѓу двете земји, а соговорниците и се согласиле дека во периодот што следи треба да работат на целосно искористување на потенцијалите за унапредување на политичкиот дијалог, како и на соработката во областа на економијата, трговијата и инвестициите.
