Едно мое ветување во кампањата беше дека се залагам за хумана урбанизација, а … тоа значи помал приход од комуналии. Ваквиот начин на финансирање … ќе значи решавање на прашањето на над 800 деца што чекаат за место за градинка и решавање на проблемите на училишта кои се на раб на трета смена, рече градноачалникот на Аеродром во „360 степени“ на ТВ Алсат
Зелената обврзница од 5,4 милиони евра е најекономичниот и најефикасен начин за брза реализација на капиталните инвестиции во Општина Аеродром, уверуваше градоначалникот Тимчо Муцунски во гостувањето во емисијата „360 степени’ на ТВ Алсат. Другата опција за да не се чекаат десет години за изградба на две градинки и доградба на две училишта, рече Муцунски, е собирање приходи од комуналии. А тоа, според него, е неприфатливо, затоа што пред жителите на Аеродром ветил хумана урбанизација.
„Начинот на кој во моментов е воспоставена фискалната децентрализација во Македонија значи дека општините речиси 80 отсто од приходите ги имаат од комуналии. Едно мое ветување во кампањата беше дека се залагам за хумана урбанизација, а не урбанизација каква што сме имале во изминатите пет, десет, петнаесет години во општина Аеродром. Но, истовремено, кога се борите за хумана урбанизација, тоа значи помал приход од комуналии. Ваквиот начин на финансирање, на енергетски ефикасни објекти во општината, до крајот на мојот мандат ќе значи решавање на прашањето на над 800 деца што чекаат за место за градинка во Аеродром. Решавање на проблемите на училишта кои се на раб на трета смена во моментов. Значи, средства сторого наменети за капитални инвестиции во моментов“,
рече градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Муцунски негира дека има простор за критика преку паралела со владините задолжувања кои ВМРО-ДПМНЕ ги критикува, бидејќи според него централната власт парите ги користи несуштински – за предизборен поткуп, социјални трансфери и плати на админстрација. Со „зелената обрзница“, вели Муцунски, освен што ќе се надминат проблеми на жителите на Аеродорм, ќе се отворат и нови работни места.
„Муцунски: Општината е во одлична финансиска состојба, одлично се менаџира со средствата и таквата одлука за издавање зелена обрзница ќе ги реализира клучните капитални ветувања, ќе ги реши проблемите на родителите и семејствата во општина Аеродром, а истовремено ќе биде и одржлива.
360 степени: Прашањето е и под какави услови ќе се задолжите?
Муцунски: Условите се, секако, пазарни, нема да бидат полоши од кои било комерцијални услови што постојат во моментот на македонскиот пазар. Но, би кажал дека другата опција е во период од десет години да се градат две градинки и две училишта. При ваква критична состојба со училишта и градинки во најголемата македонска општина, може и Владата да изгради две училишта и градинки, но не го прави тоа. Значи, можеме и во период од десет години да градиме без обврзница, при раст на цени, при раст на материјали, а не го решаваме проблемот веднаш. Затоа, ова е најекономичниот, најефикасниот начин, по сите светски стандарди, со издавање зелена обврзница, граѓаните да не треба да чекаат место за запишување дете во градинка и основни училишта да не бидат во критична состојба со трета смена.“
Муцунски очекува одлуката на Советот на Аеродром да добие поддршка од Владата. Недавањето согласност, според него, би значело дека Владата е против капитални инвестици во општина Аеродром.
„Додека бев претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет, а актуелниот премиер беше заменик-министер за финансии, безброј пати од Ковачевски сум слушнал дека преземањето ваков тип на обврски, кога се работи за капитални инвестиции, е добро работење и верувам дека ќе остане доследен на својот збор. Бидејќи недавањето одобрение за издавање зелена обврзница од страна на Општина Аеродорм ќе значи дека Владата е против две нови градинки, доградба на две основни училишта, изградба на нови улици и канализации“
рече Муцунски.