Седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е закажана за денеска во 18 часот во салата на кино „Милениум“. Партискиот лидер Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ во петокот кажа дека со реорганизацијата, партијата со тимот стратешки соработници ќе има „сериозен државнички капацитет, кој ќе биде алтернатива“
Актуелниот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, и поранешната дополнителна заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе бидат нови потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, дознава „360 степени“. Засега од партијата нема официјална потврда на оваа информација.
Со нив, бројот на потпретседатели се зголемува на четворица, со оглед на тоа што актуелните потпретседатели Александар Николоски и Владо Мисајловски се очекува да ги задржат позициите во партијата.
Гордана Димитриеска-Кочоска, која е магистер по економски науки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, е членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Работела во приватна компанија како финансиски консултант, во Стопанска банка, во „Македонски телеком“ (сектор донации), во Министерството за финансии (сектор јавен долг), а била и директор за финансии во ЕЛЕМ, во периодот кога на чело на компанијата беше актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тимчо Муцунски, пак, кој е доктор на правни науки, е секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ. Во периодот 2015-2017 година беше заменик-министер за информатичко општество и администрација, во 2020 година стана пратеник, а Собранието го замени со општинската зграда во Аеродром, каде што победи на изборите за градоначалник во октомври минатата година.
Седницата на Централниот комитет на партијата е закажана за денеска, во 18 часот, во салата на кино „Милениум“.
Според најавата од партијата, по гласањето за нови членови на Извршниот комитет, изјава за медиумите ќе даде партискиот лидер Христијан Мицкоски.
А, Извршниот комитет, според дел од медиумите, ќе се „засили“ со експерт од економското и монетарно работење, со доктор, но и со познат аналитичар.
Од досегашните членови сосема е извесно дека во Извршниот комитет остануваат Антонијо Милошоски, Трајко Славески, Драган Ковачки, Влатко Ѓорчев…
Мицкоски во гостување на „360 степени“ минатата недела кажа дека со реорганизацијата партијата заедно со тимот стратешки соработници ќе има „сериозен државнички капацитет кој ќе биде алтернатива“.