Откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска правејќи паралела на настаните во САД со упадот во македонското Собрание, кажа дека Америка не би амнестирала „вратар“, како овде што беше амнестиран Крсто Мукоски, „реплика“ доби лично од неговиот поранешен колега. Експратеникот Мукоски во изјава за порталот „ А1 ОН“, вели дека тој „го издржа својот дел“ за настаните од 27 април 2017 година, но, прашува зошто Милошоски не одговара за тој настан.
„Иако криминалецот Милошоски не заслужува одговор, ќе потсетам дека токму тој, лично беше споменуван од сведок во судскиот процес дека ги насочувал луѓето во прес-салата и им кажувал: ‘Качете се, горе е Заев’. Од каде ја имал информацијата и со кого се координирал? И ќе го прашам, дали тој лично е нарачател на ’27 aприл’?“,
вели меѓу другото Мукоски.
Актуелниот пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, упадот во зградата на Конгресот во Вашингтон го спореди со упадот на демонстрантите во македонското Собрание за време на изборот на Талат Џафери за спикер на 27 април 2017 година и на својот фејсбук профил напиша:
„САД се држава која не верувам дека би си дозволила оној што ги отворил вратите на Конгресот, како Крсто Мукоски во Македонија, да биде амнестиран од власта и судот. Во Македонија токму извршителот што ги отвори вратите за насилството на 27 април беше амнестиран, а потоа стана и сојузник на Владата…“
Пред два дена толпа поддржувачи на претседателот во заминување, Доналд Трамп, упаднаа во американскиот Конгрес, при што животот го загубија пет лица.
Упадот во Капитол Хил го осуди државниот и политичкиот врв во С Македонија. И премиерот Зоран Заев и опозициската ВМРО-ДПМНЕ сцените од Вашингтон ги нарекоа загрижувачки и го осудија насилството.
За упадот во македонското Собрание од 27 април 2017, пак, во најобемниот предмет се опфатени 33 лица, но 15 од нив, меѓу кои и пратеникот Крсто Мукоски, добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година. Од останатите, единствено Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека другите добија вкупно 211 години затвор.
Во моментов пред првостепениот суд е судскиот процес за организацијата на 27 април. Во него обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, како и ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски, сите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Според обвинението, по неуспешните преговори за формирање влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ, по изборите во декември 2016, тие изготвиле план со намера да ги загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата и да спречат примопредавање на власта.
Во истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција осомничени беа експремиерот Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошкоски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни за македонските органи, со оглед на тоа што едниот избега во Унгарија, а другиот во Грција.