Напаѓачот легално го купил оружјето, испукал над 70 куршуми и се облекол во женски алишта, со цел подоцна да може да се скрие меѓу насобраните граѓани. Тој употребил пушка од висок калибар, слична на полуавтоматска АР-15, што ја оставил пред да побегне. Слична пушка имал и во автомобилот на неговата мајка, што го возел кога го фатила полиција
Американецот Роберт Кримо, уапсен поради сомнение дека од кров пукал во граѓани на парадата по повод Денот на независноста на САД во предградие на Чикаго, е обвинет по седум точки за убиство од прв степен. Во нападот беа убиени седум лица.
Според јавниот обвинител на Илиноис, Ерик Рајнхард, доколку 21-годишниот Роберт Кримо биде прогласен за виновен, ќе се соочи со максимална казна доживотен затвор, без можност за условно пуштање.
Тој ќе бара Кримо да остане во притвор без можност за кауција.
Според она што е познато, напаѓачот легално го купил оружјето, испукал над 70 куршуми и се облекол во женски алишта, со цел подоцна да може да се скрие меѓу насобраните граѓани.
„Се вклопи со сите додека бегаа, како и тој да е невин набљудувач“, појасни Крис Ковели, портпарол на канцеларијата на шерифот на округот Лејк.
Осомничениот побегнал во домот на својата мајка, а подоцна го позајмил нејзиниот автомобил.
Како што информираше полицијата по нападот, покрај седумте мртви, повеќе од 30 лица беа повредени.
Полицијата соопшти дека Кримо неколку недели го планирал нападот, мотивот не е познат, но, нема докази за расни или антисемитски причини.
За нападот, тој употребил пушка од висок калибар, слична на полуавтоматска АР-15, што ја оставил пред да побегне. Слична пушка имал и во автомобилот на неговата мајка, што го возел кога го фатила полиција. Тој имал и друго оружје, сето купено на легален начин, наведоа официјални лица.