Министерството за труд и социјална политика информира дека лицата што биле на породилно отсуство не мора да се вратат на работа додека во сила се владините мерки против ковид-19.
„Мајките кои се на породилно отсуство треба да бидат спокојни – сѐ додека траат времените мерки, тие не мора да се вратат на работа. За да се обезбеди заштита и грижа за децата, Владата на Република Северна Македонија донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи, во која со членот 4 е предвидено надоместокот на плата за отсуство од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, да продолжи да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот ковид-19“,
се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека остварувањето на правото на надоместокот се врши преку Фондот за здравствено осигурување, а одлуката за времетраењето и завршувањето на времените мерки ја носи Владата, по заклучоци од Главниот координативен кризен штаб кој одлучува според препораките на Комисијата за заразни болести.
„Владата на Република Северна Македонија во континуитет ги следи состојбите и потребите кои се во интерес и заштита на децата за што навремено ќе продолжи да ја информира јавноста. Министерството за труд и социјална политика укажува дека наш врвен приоритет е грижата и заштитата на децата. Градејќи социјално праведно општество, обезбедуваме еднаков третман на сите деца. Се грижиме подеднакво за сите“,
се вели во соопштението на МТСП.
Соопштението на Министерството доаѓа по реакциите во јавноста во кои жени се пожалија дека се оставени без избор бидејќи по завршувањето на породилното отсуство од нив се бара да се вратат на работа, а поради состојбата со ковид-19, која ги затвори и градинките, нема каде да ги остават децата. Дел од нив побараа продолжување на породилното отсуство и со писмен допис до Владата.
