И Јаким Неделков од СОНК и министерката Јованка Тренчевска од МТСП изразија верба дека приближените ставови помеѓу двете страни се во насока на конечно решение, до кое се надеваат дека ќе дојде до крајот на оваа недела
Првиот човек на СОНК истакна дека привршуваат и преговорите со Министерството за образование и наука (МОН) кои се одвиваат под покровителство на помирувач и додаде дека она што ќе биде договорено во однос на зголемување на платите во дејноста образование ќе важи и за детска заштита
По денешната рунда преговори, првиот човек на Синдикатот за образование наука и култура (СОНК), Јаким Неделков и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се согласија дека спорот помеѓу двете страни е сè поблиску до конечно решение, но дека преговорите ќе продолжат и во текот на оваа недела.
И Неделков од СОНК и министерката Тренчевска од МТСП изразија верба дека приближените ставови помеѓу двете страни се во насока на конечно решение, до кое се надеваат дека ќе дојде до крајот на оваа недела.
„Имавме одлична конструктивна дискусија со претставниците на СОНК. Социјалниот дијалог продолжува, блиску сме до конечно решение. Всушност, денес разговаравме за повеќе понудени предлог-решинија и од МТСП и од СОНК. Дојдовме до приближување на ставовите кон она што значи решавање на спорот помеѓу СОНК и МТСП. Во текот на неделата продолжуваме повторно со дијалогот и се надевам дека кон крајот на оваа недела ќе имаме и потпишано спогодба и конечно решение во однос на одлуката за штрајк во предучилишното образование“,
рече министерката Тренчевска по денешната средба со СОНК.
Таа додаде оти МТСП и СОНК се приближуваат кон ставовите, меѓутоа потребно е дополнително време за, како што рече, предлозите и од двете страни да бидат усогласени во институциите.
„До крајот на неделата, четврток-петок, верувам дека во ќе го имаме конечното решение кое е во интерес и на МТСП и на СОНК, односно на вработените во детските градинки, а е во рамки на Законот“,
додаде министерката за труд и социјална политика Тренчевска.
Одговарајќи на новинарско прашање, претседателот на СОНК, Јаким Неделков, истакна дека доколку не се дојде до заемно прифатливо решение со Министерството, тоа може да има последици, меѓутоа надминувањето на горчливиот проблем, како што рече, оди во добар правец.
„Убедени сме дека и овој проблем позитивно ќе биде решен до крајот на неделата. Тоа не би требало да биде сламка на сопнување од аспект на тоа што има добра волја од двете страни да се надмине ситуацијата“,
посочи Неделков од СОНК.
Првиот човек на СОНК истакна дека привршуваат и преговорите со Министерството за образование и наука (МОН) кои се одвиваат под покровителство на помирувач и додаде дека она што ќе биде договорено во однос на зголемување на платите во дејноста образование ќе важи и за детска заштита. Она што е договорено и со едниот и со другиот министер односно со работните групи од двете Министерства, додаде Неделков, е дека и колективните договори ќе бидат изработени односно потпишани во соодветна рамка односно термин за утврдување.
Освен со МТСП, Синдикатот денеска се очекува да има и преговарачка средба со Министерството за образование и наука (МОН).
Претходната средба на синдикалците со МОН беше во петокот, кога се преговараше за колективните договори во основно и средно образование, а со МТСП средба имаа во четвртокот кога двете страни разговараа за формирање работна група за нов колективен договор за предучилишните установи, зашто важноста на актуелниот истекува со јуни.