Претседателот на Синдикатот на УКИМ во разговор за „360 степени“ вели дека очекува идната недела да почнат преговорите и во кратки рокови да биде решен спорот и да се потпише колективниот договор, со оглед дека и втората страна прифатила на овој начин да се решава проблемот

Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) со помирување согласно Законот за мирно решавање на работните спорови ќе го решаваат спорот со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) со цел конечно да се склучи новиот колективен договор и да се зголемат платите на вработените, барања што ги упатуваат веќе две години.
„Конечно, по две години борба, прифатен е предлогот за помирување. За помирувач од двете страни е избрана адвокат д-р Мимоза Салтирова“,
вели претседателот на Синдикатот, Ангел Ристов, во разговор за „360 степени“.
Ристов очекува идната недела да почнат преговорите и во кратки рокови да биде решен спорот и да се потпише колективниот договор, со оглед дека и втората страна прифатила на овој начин да се решава проблемот.
Синдикатот околу две години бара потпишување на колективниот договор, за кој, како што тврди, останува да се утврди уште процентот на покачување на платите.
Помирувањето следува откако на 4 октомври годинава претставници на Синдикатот на УКИМ имаа средба во Владата на која ги изнесоа нивните барања за потпишување колективен договор и постепено покачување на платите – по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да се достигне ниво од 100-процентно покачување.
Синдикатот на УКИМ за своите барања уште пред шест месеци излезе на предупредувачки протест пред Ректоратот.
Тој се одржа на 2 јуни и за крајот на тој месец беше најавен и протест пред Владата. Меѓутоа, го откажаа бидејќи од „Илинденска“ бр. 2 добија ветување дека нивните барања ќе бидат разгледани од министерствата за образование и наука и за финансии.
За тоа во каква состојба се вработените во УКИМ, Ристов зборуваше и во гостувањето во емисијата „360 степени“ на крајот на септември годинава, кога оцени дека никогаш во историјата на Универзитетот тие не биле во потешка и полоша ситуација.
Како што кажа тогаш претседателот на Синдикатот, доцентите на факултетите земаат плата од 30 590 денари, што е под просекот во државата, додека редовен професор заработува 39 500 денари месечно.
Најзагрозен, додаде тој, е ненаставниот кадар чии плати не се покачени со години. Во споредба со регионот, пак, според него, универзитетските професори кај нас се убедливо најслабо платени.