Оттаму наведуваат дека „Родителски фронт“ како здружение со конзервативни ставови има право на свој глас и ангажман, и тоа како невладина организација го поддржуваат, но, како што посочуваат од „Мрежата за заштита од дискриминација“, во јавните објави и настапи здружението од Струмица покажува јасен образец на анти-ЕУ реторика, ширење морална паника, теории на заговор и дезинформации
Од здружението од Струмица, пак, во вчерашното соопштение на Фејсбук, насловено „Кој и зошто сака да го одземе родителскиот глас?“ обвинија за нервоза кај, како што велат, т.н. „Мрежа за заштита од дискриминација“, наведувајќи дека не очекувале родители што јавно поставуваат прашања, изнесуваат ставови и го користат загарантираното право на слобода на мисла и говор, како и правото да учествуваат во јавни расправи во Собранието на Македонија што директно ги засегаат децата, ќе предизвикаат толку драматични реакции, координации, дојави, мејлови и психосоматска паника зад сцената
Невладината „Мрежа за заштита од дискриминација“ денеска преку соопштение реагира на, како што велат, сè почестото вклучување на здружението „Родителски фронт“ од Струмица како соговорник во јавните расправи во Собранието и други институционални процеси.

Реакцијата доаѓа откако вчера преку фејсбук-објава од „Родителски фронт“ оценија дека кај „Мрежата за заштита од дискриминација“ владее нервоза, обвинувајќи за вмрежена активистичка сцена, што „живее во паралелен свет на грантови, затворени кругови, меѓусебни аплаузи постојано глумење морална супериорност над обичниот народ“, која дозволува право само на едно мислење.
Во денешната реакција од „Мрежа заштита од дискриминација“, велат дека се загрижени за сè почестото вклучување на претставници на „Родителска грижа“ во собраниските јавни дебати бидејќи, според нив, станува збор за контроверзно здружение чиј јавен дискурс е длабоко проблематичен.
„Од почетокот на годината, претставници на ова здружение беа поканети во најмалку два наврати на собраниски дебати – јавната расправа за измените на Кривичниот законик и јавната расправа за влијанието на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје, организирана во рамки на Собранискиот клуб за младински прашања. Сметаме дека ваквиот пристап не е само техничко отворање простор за граѓански организации, туку институционално легитимирање на актер чиј јавен дискурс е длабоко проблематичен“,
се вели во реакцијата на „Мрежата за заштита од дискриминација“.
Оттаму наведуваат дека „Родителски фронт“ како здружение со конзервативни ставови има право на свој глас и ангажман, и тоа како невладина организација го поддржуваат, но, како што посочуваат од „Мрежата за заштита од дискриминација“, во јавните објави и настапи здружението од Струмица покажува јасен образец на анти-ЕУ реторика, ширење морална паника, теории на заговор и дезинформации. Ваквите ставови на здружението, се вели во реакцијата, се однесуваат на родовата еднаквост, ЛГБТИК+ правата, сеопфатното сексуално образование, работата на граѓанските организации и улогата на меѓународните институции.
„Во нивната комуникација, Европската Унија, УНИЦЕФ, Светска банка, медиуми и организации за човекови права се претставуваат како носители на ‘странска агенда’, ‘идеолошки инженеринг’ и ‘закана’ за децата, семејството и државата. Дополнително, ова здружение континуирано ги напаѓа професионалните и академските институции, вклучително и Катедрата за родови студии при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’. ‘Родителски фронт’ се поставува како арбитар над професионалците, експертите и институциите. Таквиот пристап е особено опасен кога здружението добива простор во Собранието како релевантен партнер за прашања што бараат стручност, докази и интердисциплинарно знаење“,
наведуваат од „Мрежата за заштита од дискриминација“.
Според невладината, јавниот дискурс на здружението произведува општествена поларизација, бидејќи наместо аргументи засновани на докази, користи јазик на страв, сомнеж и непријателство.
„Граѓанските организации се претставуваат како ‘странски агенти’, родовата еднаквост како ‘отров’ или ‘индоктринација’, а институциите што соработуваат со меѓународни партнери како извршители на туѓи интереси. Ова ја поткопува довербата во демократските институции, експертизата, академската автономија и јавните политики засновани на човекови права“,
велат од невладината.
Затоа, од „Мрежата за заштита од дискриминација“ сметаат дека Собранието и другите институции мора да направат јасна разлика меѓу демократско учество во јавна расправа и легитимирање на актери кои активно шират дезинформации, морална паника, теории на заговор, анти-ЕУ наративи и напади врз академската и професионалната експертиза.
„Бараме од Собранието и релевантните институции да воспостават јасни критериуми за учество на граѓански организации во јавни расправи, особено кога се дискутира за деца, млади, образование, ментално здравје, насилство, родова еднаквост и човекови права. Таквите процеси мора да се темелат на докази, професионална експертиза, академска автономија, човекови права и недискриминација“,
велат од „Мрежата за заштита од дискриминација“.
Од здружението од Струмица, пак, во вчерашното соопштение на Фејсбук, насловено „Кој и зошто сака да го одземе родителскиот глас?“ обвинија за нервоза кај, како што велат, т.н. „Мрежа за заштита од дискриминација“, наведувајќи дека не очекувале родители што јавно поставуваат прашања, изнесуваат ставови и го користат загарантираното право на слобода на мисла и говор, како и правото да учествуваат во јавни расправи во Собранието на Македонија што директно ги засегаат децата, ќе предизвикаат толку драматични реакции, координации, дојави, мејлови и психосоматска паника зад сцената.
Оттаму велат дека причината за тоа е што некој очигледно се исплашил дека веќе нема да има монопол врз, како што наведуваат, тоа што смее, а што не смее да се каже во Македонија и кој има право да го каже тоа.
„Мрежа што во своето име го носи атрибутот ‘заштита од дискриминација’, денес се однесува како идеолошка инквизиција за сите ставови што се дијаметрално спротивни на нивните. Така, ‘Мрежата за заштита од дискриминација“, наместо да штити плурализам и слобода на мислење, денес тајно координира клеветнички писма, притисоци и обиди за цензурирање и дискриминирање организации и родители што не размислуваат како нив. А ‘Мрежата за заштита од насилство врз жени’ наместо да обединува и поддржува успешни примери, избрка организација што со години го водеше еден од најдобрите шелтер-центри во државата, центар што странски организации и партнери го посочуваа како пример за добри практики во регионот. Не е тешко човек да се запраша зошто се случува тоа“,
се вели во соопштението на „Родителски фронт“.
Повторувајќи го обвинувањето за децениски монопол врз невладиниот сектор, од здружението од Струмица велат дека проблемот никогаш не бил „говорот на омраза, туку тоа што родителите почнале да зборуваат без нивна дозвола, а со цел да ги заштитат децата.
„А, јавноста заслужува да знае и кои се тие што денес си земаат за право да одлучуваат кој е ‘прифатлив’, а кој треба да биде јавно етикетиран: Фондација Отворено општество Македонија, ХЕРА, ХОПС, Хелсиншки комитет, ЛГБТИ Центар за поддршка, Коалиција МАРГИНИ, Македонско здружение на млади правници, ЕСЕ, Станица ПЕТ Прилеп, ‘Заедно посилни’ и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Тоа се структурите што со години кружат низ истите институции, комисии, работни групи, проекти и конференции, убедени дека имаат историско право да го ‘превоспитуваат’ македонското општество и македонскиот граѓанин“,
се вели во објавата на „Родителски фронт“.
