Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) преку соопштение упати апел до верниците во целост да ги почитуваат препорачаните мерки и утврдените насоки за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот.
„Во вонредните услови на пандемија, кога грижата за здравјето на ближниот е исклучително важна, Синодот повикува ова Воскресение Христово да се пречека и празнува со најблиските во домашната црква – во семејството. На овој Велигден храм нека бидат нашите срца во кои ќе воскресне Христос! На воскресните свети литургии свештенослужителите ќе се молат за сите. Вие, пак, коишто од оправдани причини ќе отсуствувате, од вашите домови смирено и достоинствено изразувајте ја вашата вера и со радост придружете се во пеењето на воскресната химна: „Христос воскресна од мртвите…“ Сите да ги почитуваме најдобронамерните препораки на надлежните за доброто на сите! Воскреснатиот Христос нека ја исцели секоја човечка немоќ, а воскресенската радост нека ни биде постојана!“,
соопштија од Канцеларијата на САС на МПЦ-ОА.
Големиот христијански празник Велигден, кој е в недела, се совпаѓа со полицискиот час во земјата. Забраната за движење стапува во сила в петок попладне во 16 часот и ќе важи до вторник до 5 часот наутро.
Претходно, владиката Тимотеј рече дека во периодите, кога во сила не е полицискиот час, верниците организирано ќе се пуштаат во храмовите на соодветна оддалеченост и најмногу по пет луѓе истовремено. Владиката Тимотеј кажа дека црквите ќе останат отворени и за Велигден, ќе има и богослужба, но доколку верниците дојдат би го прекршиле законот, односно забраната за движење.
Денеска екипата на „360 степени“ регистрира дека во дел од скопските цркви верници сепак доаѓаат и покрај препораките на здравствените власти за седење дома и социјална дистанца.
*поврзана вест: (ГАЛЕРИЈА) Kоронавирусот го намали бројот, но не ги премисли сите верници да не одат на причестување