Требаше да поминат 15 години и Бугарија да претседава со Европската Унија, за на едно место повторно да се соберат лидерите на земјите-членки на ЕУ и на земјите од Западен Балкан.
Самитот во Софија ќе остане во меморијата на македонските граѓани по средбата Заев-Ципрас, на која првпат македонски и грчки премиер постигнаа начелна согласност за предлог-решение на долгогодишниот спор за името.
За Македонија, но и за цел Западен Балкан, подеднакво важни се пораките за европската перспектива на регионот.
„ Нема друга алтернатива. Нема план Б. Западниот Балкан е интегрален дел од Европа и тој припаѓа во нашата заедница.“- изјави Доналд Туск, претседател на Европскиот Совет, во завршната прес конференција на самитот.
„За сите стана јасно дека за проблемите кои ги имаме со големите геостратешки играчи во светот, единствениот спас за Европската Унија е да бидеме единствени. Или, како што се вели, еден лист хартија да не може да помине меѓу нас. “- кажа домаќинот на настанот во истата пригода, бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Договореното заврши на хартија која сите ја потпишаа. Во заедничката декларација има зборови и пораки за „европски вредности и принципи“, „едногласна поддршка за европската перспектива“, заложба на ЕУ да помага, а Балканот да се демократизира.
Но, она што го немаше е најважното што Македонија сакаше да го слушне во Софија. Во заедничката декларација ги нема зборовите како проширување, пристапни преговори или пак годината 2025-та како најран рок за прием на нови членки во Европската Унија.
Меѓу главните причини поради кои тие зборови не се најдоа во софиската декларација, се премиерот на Холандија Марк Руте и претседателот на Франција, Емануел Макрон. Лидерите на двете земји инсистираат на внатрешна реформа во ЕУ пред семејството да се прошири.
„ Што се однесува до Балканот, како што кажав во воведот на моето обраќање, нашата желба е Франција да прави многу повеќе во насока на закотвување на Западниот Балкан кон ЕУ за конкретни прашања. Во исто време, би сакал да бидеме исклучително одговорни по политичките прашања и не сакам да отвораме преговори кои траат по десет години и да велиме дека отвораме преговори но без изгледи за пристапување.“ – изјави претседателот на Франција, Емануел Макрон, на неговата прес-конференција по настанот.
Ставот на Макрон е сигнал дека постои реална опасност Македонија да го реши спорот со Грција, а притоа да не го добие посакуваниот датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни. Тоа значи и дека останатите земји аспиранти може да останат без ветената награда – што за возврат најверојатно ќе предизвика загубен интерес за реформите и за решавање на отворените билатерални прашања.
Вистинската дебата за ова прашање најдобро можеше да се слушне и види не на денот на Самитот, туку ден претходно, на споредните настани, на дебатите меѓу политичарите и невладиниот сектор.
„ Можноста за проширување не е воопшто популарна во Европската Унија. Не поради одредени земји кои се аспиранти, не против некого конкретно. Но, процесот на проширување предизвикува еден вид на одбивност внатре во Европската Унија кога е во прашање проширувањето.“- објаснуваше лидерот на ЕПП во Европскиот парламент, Манфред Вебер.
„ Јас се подготвив малку за вечерва да разговарам со колегите- зошто толку да се плашат од Западниот Балкан … Како население, Западниот Балкан за кој разговараме денес се помалку од Романија. Значи, како БДП колку Словачка, како население помалку од Романија. Од што толку да се плашиме? При огромните трилиони буџет и БДП на Европа. А во исто време, тоа место генерира само војни и со тоа огромни расходи.“ – беа дел од зборовите на поддршка за Балканот на бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Што и да ги плаши граѓаните на ЕУ во Западниот Балкан, на крај, стравот на западно-европските политичари е од гласачите, кои се почесто даваат поддршка на екстремната десница. Како резултат на ова, Холандија и Франција говорат за „строг и фер“ процес на преговори и пристапување кон ЕУ, што во случајот на Македонија може да значи нови услови за добивање на датум за старт на преговори. Од друга страна се новите земји-членки но и европската комисија, кои притискаат процесот да остане жив.
„ Нема да е лесно, но се уште има шанси да ги убедиме тие држави коишто се скептични и кои мислат дека сеуште не е дојден моментот. И да покажеме пред целиот процес дека можеме да си решаваме проблемите еден со друг.“ – кажа Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија.
„ На нас се гледа, ова е мојот страв и надеж во исто време, пред се како на безбедносни партнери на Европа во моментов. Значи да се учествува или да се помогне во заштитата на границите на ЕУ од мигрантите и, исто така, во контекст на растот на популарноста на конкуренцијата на ЕУ во регионот.“ – изјави Јован Теокаревиќ, професор од Факултет за политички науки, Белград.
„ Разбирам кога нивото на амбиција е високо и во одреден момент излегува стратегијата и си мислите каде води тоа, но за нас сето ова е дел од процес кој навистина, на крајот, не знаеме кога, но на крајот и тоа што поскоро тоа подобро, ќе не доведе до повторно обединување на континентот на што сите работиме.“ – кажа Ангелина Ејкхорст од Европската служба за надворешни работи, во реплика на Теокаревиќ.
– Следната пролет имаме европски избори. Во некои главни градови се плашат да дискутираат дури и за почеток на пристапни преговори бидејќи мислат дека јавното мислење ќе ги помеша приемот со почетокот на патувањето.“ – изјави македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.
Во случајот со Македонија, сепак, надежта е дека решението на спорот би било доволно значајно постигнување за во јуни земјата да добие датум за преговори. Професорот Николаос Цифакис, од универзитетот на Пелопонез, е оптимист дека ќе преовлада мислењето дека е возможно да има и внатрешни реформи во Унијата и паралелно да се водат преговори за членство со земјите од Западниот Балкан.
„ Исто така Јункер презентираше план за реформите што треба да се спроведат во ЕУ до 2025 година. Па, ако земјите-кандидати си ја завршат својата домашна задача и ги исполнат условите на ЕУ и ако се подготвени до 2025 година, тогаш ЕУ ќе биде подготвена да ги прими. Макрон го кажа очигледното. Кажа дека ниту една земја не може да биде примена додека ЕУ не е подготвена, но ниту една од западно-балканските земји нема да биде подготвена за влез пред 2025 година. “ – изјави професорот Николаос Цифакис од Универзитетот на Пелопонез за 360 Степени.
Софија ги испрати високите гости. Од далеку, семејното фото од самитот оддава впечаток дека сите добро си поминале. Но, одблизу, влијателниот Политоко, забележува дека Скопје и Тирана се оставени „да се потат“ за датум за старт на преговори, а британски Гардијан е уште поостар дека ЕУ ги пресече надежите за членство на Балканските земји.
Напишете коментар